Претседателот Иванов во работна посета на Канада и Аризона

Од:

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов од денеска до 24 април ќе престојува во работна посета на Канада, а од 25-ти до 28 април работно ќе ја посети и сојузната американска држава Аризона.

Кабинетот на Претседателот на РМ информира дека Иванов во Отава ќе има средби со  спикерот на Претставничкиот дом на Парламентот на Канада Ендру Шир и со спикерот на Сенатот  Ноел Кинсела.

На Универзитетот „МекМастер“ во Торонто македонскиот претседател ќе одржи предавање  на тема „Мултикултурализам, мултиетницизам и успехот на македонскиот модел“. За време на посетата на Канадскиот универзитет е предвидено да биде потпишан меморандум за разбирање меѓу Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Универзитетот „МекМастер“.

– За време на престојот, претседателот Иванов ќе го посети канадскиот воен колеџ во Торонто, каде ќе присуствува на дискусија за важноста на обуката на военото раководство и професионалното воено образование, на која ќе учествуваат сенатори и генерали.  Во општината Маркам во Торонто, претседателот Иванов ќе присуствува и ќе се обрати на свечена церемонија на подигање на македонското знаме и сечење лента за улицата која ќе го носи името „Битола“. Во оваа прилика, предвидено е да биде потпишан меморандум за разбирање во областа на културата и туризмот, информира Кабинетот.

По повод 50-годишнината од постоењето на првата македонска црква во Канада,  Иванов ќе има и свечено обраќање на гала-вечера во соборната црква „Св. Климент Охридски“ во Торонто.

Шефот на државата во Канада  ќе оствари повеќе средби со претставници на здруженија на македонската дијаспора, како и средба со претседателот на македонско-канадската група за пријателство во Парламентот на Канада Ладислав Лизон.

Во Аризона, пак, претседателот ќе учествува на Форумот Седона – 2013, во организација на Институтот за меѓународно лидерство „Меккејн“, на кој ќе учествуваат видни личности од политичкиот живот од повеќе држави во светот. Иванов ќе се обрати на форумот, во рамки на панел-дискусијата на тема „Предизвици на демократијата – Европа, целосна и слободна?“.

Во рамки на работната посета на Аризона, претседателот Иванов ќе го посети и Државниот универзитет „Аризона“, каде ќе биде потпишан меморандум за соработка меѓу Државниот универзитет „Аризона“ и Министерството за образование и наука на Република Македонија. Иванов ќе одржи предавање во рамки на Choncoff Lecture Series на тема „Македонскиот модел на толеранција и различности, лекции од минатото или рецепт за иднината“.

Македонскиот претседател ќе присуствува и на свечено отворање на почесниот конзулат на Република Македонија во Тусон, Аризона, и ќе оствари средба со македонската заедница во Феникс.

Би можело да ве интересира

Уставен суд заглавен, изборот на претседател е во ќор сокак

(ВИДЕО) Лога: Кога може Обама, може и Сиљановска Давкова по вторпат да даде заклетва

A1on

Ќе користи ли Пендаровски доживотна пензија? Што му следува по престанокот на функцијата на 12 мај

A1on

Инаугурацијата на Сиљановска Давкова в недела на пладне

A1on

Силјановска-Давкова: Има ли поголема промена од тоа што жена првпат ќе биде претседател

A1on

Првични резултати на ДИК: Гордана Силјановска Давкова – 61,98% , Стево Пендаровски – 30,48%

A1on