Претседателот Ѓорге Иванов од 28 до 30 јануари 2013 година, на покана од емирот на Катар, шеик Хамад бин Калифа ал Тани, ќе престојува во официјална посета на оваа земја.
Во рамки на посетата, планирана е средба со Емирот на која ќе се разменат мислења и информации за досегашните билатерални односи и за можностите за продлабочување на соработката меѓу двете земји. Посебен фокус ќе биде ставен на можностите за развивање на економската соработка, но и соработката во други сфери од заемен интерес.
За време на посетата, планирано е натамошно унапредување на договорната рамка меѓу двете држави. Во делегацијата предводена од Иванов, ќе биде и министерот за економија, Ваљон Сарачини.
Иванов ќе го посети и Универзитетот Џорџтаун, каде ќе одржи предавање на тема „Балканот и Заливот: крстосница на цивилизациите“.
Сопругата на претседателот, Маја Иванова, која ќе го придружува во посетата, ќе се сретне со шеика Моза бин Насер, сопруга на емирот на Катар и ќе го посети Шафалах центарот за деца со посебни потреби.
Ова претставува прва официјална посета на претседателот Иванов на Катар, која се реализира после дводневната официјална посета на емирот на Катар на Република Македонија, на 17 и 18 октомври 2011 година.
Покрај официјалната посета, претседателот Иванов и емирот ал Тани досега имаат остварено повеќе билатерални средби на маргините на меѓународните настани на кои учествувале.