Претседателот Ѓорге Иванов денеска во вила „Билјана“ во Охрид имаше средба со спикерот на Сенатот на Канада, Ноел Кинсела, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.
На средбата, соопшти денеска кабинетот на претседателот, било разговарано за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји, за соработката на мултилатерален план, како и за стратешките надворешно-политички цели на Република Македонија, членството во НАТО и Европската унија.
Двајцата соговорници изразиле задоволство од континуираното интензивирање на политичкиот дијалог и позитивната динамика во развојот на севкупните односи меѓу Република Македонија и Канада.
Во тој контекст, претседателот Иванов ја поздравил парламентарната соработка, која, стои во соопштението, бележи позитивен и успешен развој и за што голем придонес има Парламентарната група за пријателство со Македонија формирана во канадскиот парламент.
Претседателот Иванов изразил задоволство од повторната средба со спикерот на Сенатот на Канада за краток временски период и се заблагодарил за конструктивните и пријателски средби со канадските претставници при неодамнешната негова посета на Канада, кои придонесоа за зајакнување на билатерални контакти меѓу двете земји и конкретизирање на соработката во одредени области од заемен интерес.
Во однос на македонското членство во НАТО, претседателот Иванов се заблагодарил и за принципиелната поддршка од Канада и го запозна соговорникот за актуелностите поврзани со единствената пречка која стои на патот за полноправно членство во Алијансата, како и за очекувањата во наредниот период.
На средбата биле потврдени заложбите за натамошно унапредување на соработката во областа на одбраната, културата, науката и образованието, при што беше истакната потребата од унапредување на договорната правна рамка помеѓу двете држави и што поскоро потпишување на конкретни договори. Македонскиот претседател изразил очекување за унапредување на економската соработка и зголемување на канадските инвестиции, со оглед на инвестицискиот потенцијал со кој располага Република Македонија и мерките и активностите кои ги презема Владата на Република Македонија за подобрување на инвестициската клима во земјата.
Двајцата соговорници ја истакнале и значајната улога на македонската иселеничка заедница во Канада, како врска меѓу двете земји што и натаму треба да се одржува и зацврстува.
Претседателот Иванов и спикерот на Сенатот на Канада, Кинсела, ја реафирмирале подготвеноста за натамошна блиска соработка во сите полиња од заемен интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план.