Карванот „Социјална и етничка интеграција преку спортот „Спортски Бон-Тон“ денеска престојуваше во Дебар, а со учениците од седум градови од Македонија се дружеа и шефот на државата Ѓорге Иванов, кој е покровител на проектот и дебарскиот градоначалник Ружди Љата.
– Задоволство е да се види како деца од повеќе општини другаруваат и како меѓусебно се почитуваат. Всушност, Дебар е вековен пример за меѓусебно почитување, така што и преку овој проект се трудиме оваа традиција на Дебар да продолжи и да биде позитивен пример и децата кои дошле од други општини да се запознаат со своите дебарски другарчиња, да спортуваат и преку спортот тоа да го учат, изјави претседателот Иванов, по средбата со градоначалникот и со учесниците во спортските активности.
Според Иванов, се прават напори децата да научат како да го почитуваат противникот, како да ги почитуваат правилата кои важат и во спортот и во животот. Овој проект, нагласи тој, не е само едукативен, туку делува и во зближување на децата кои доаѓаат од различни средини.
За градоначалникот Љата посебно задоволство за Дебар и дебрани е што претседателот и деца од повеќе општини се гости на градот.
– Тоа значи дека доколку ние возрасните не дојдеме до тој разум да размислумаве за Европа, децата веќе почнале да живеат европски и се надевам дека така и ќе продолжи и Македонија и сите ние, рече Љата.
Носител на проектот е Здружението за развојни иницијативи – Геостратешки институт „Глобал”, чиј претседател, Иван Атанасовски, нагласи дека спортот може да биде одговор на сите девијантни работи што се случуваат во нашето општество.
– Токму преку вакви активности ние сакаме тоа да го покажеме во партнерство со општините вклучени во неговата реализација – Валандово, Кавадарци, Росоман, Аеродром, Дебар, Центар Жупа и Теарце, рече тој.
Покровител на настанот е претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, со поддршка и од амбасадата на САД во нашата земја.