Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ќе се обрати на 4. Регионален претседателски самит во Будва на тема „Соработка кон напредок – предизвици и одговори“.
Целта на овој традиционален собир, чиј домаќин е претседателот на Црна Гора Филип Вујановиќ, е одржување на политичкиот дијалог на највисоко ниво меѓу соседните земји во рамки на зедничката евроатлантска перспектива.
ЕУ и НАТО интеграциите и темите кои треба да ги олеснат овие процеси: јакнење на демократските и реформските процеси, зголемена економска соработка и поттикнување на регионални инвестиции, инфраструктурно и енергетско поврзување, прекугранична соработка во борбата против криминалот итн., ќе бидат областите за дискусија на овој Самит.
Претседателот Иванов ќе оствари билатерални средби со неговите колеги од Албанија, Косово и Црна Гора, Бујар Нишани, Атифете Јахјага и Филип Вујановиќ.
Првата Регионална лидерска средба се одржа во Валона во 2009 година, а втората во Призрен, во 2010 година. Во 2011 година домаќин беше претседателот Иванов, а средбата се одржа во Охрид.