Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ги прими членовите на делегацијата од Јапонија, предводена од Минору Киучи, парламентарен заменик-министер за надворешни работи на Јапонија.
На средбата, соопшти денеска Кабинетот на претседателот, беше изразено задоволство од позитивниот развој на билатералните односи.
Претседателот Иванов се заблагодарил за одлуката на Јапонија за употреба на уставното име на Република Македонија во билатералната комуникација и посочил дека за продлабочување на соработката во сите области за кои постои неискористен потенцијал од двете страни, неопходен е континуиран и поинтензивен политички дијалог, средби и контакти на сите нивоа. Иванов искажал подготвеност за продолжување и продлабочување на економската соработка меѓу двете земји, притоа заблагодарувајќи се за техничката помош што Република Македонија ја добива од Јапонската агенција за меѓународна соработка и преку која беа реализирани и се во тек повеќе значајни проекти и донации.
Во насока на зајакнување на трговската размена и привлекување на јапонски инвестиции, претседателот Иванов ги истакнал поволностите кои странските инвеститори ги имаат во Република Македонија, а ја посочил и потребата од зајакнување на правната рамка меѓу двете земји.
На средбата биле разгледани можностите и за продлабочување на соработката во сферата на образованието, науката и културата, при што беше изразен интерес за отворање на јапонски културен центар во Скопје, како и за зголемување на бројот на стипендии за македонските студенти.
Соговорниците размениле мислења за случувањата во регионот и во Источна Азија и беше изразена подготвеност за продолжување на одличната соработка на мултилатерален план.