Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Жан Клод Мињон.
На средбата, како што соопшти Кабинетот на претседателот, беше изразено задоволство од традиционално добрата соработка на Република Македонија со Советот на Европа.
Двајцата соговорници размениле мислење за досегашниот ангажман на Република Македонија во работата на институциите на Советот на Европа, како и за учеството во реализацијата на иницијативи и проекти од долгорочен интерес за земјава и регионот.
Во контекст на надворешната политика, претседателот Иванов го реафирмираше ставот дека Република Македонија со несмалено темпо работи на исполнување на стратешките приоритети – членството во Европската Унија и НАТО. Македонскиот претседател изрази благодарност до Советот на Европа за досегашната поддршка и помош, која во голема мера помогна Република Македонија денес да биде држава која ги исполнува сите критериуми за членство во НАТО и е подготвена веднаш да ги почне пристапните преговори со ЕУ.
На средбата, претседателот на ПССЕ истакна дека целта на посетата е да биде изворно информиран и да размени мислења за актуелностите во Република Македонија во пресрет на разгледувањето на извештајот за Република Македонија.
Воедно, Мињон истакна дека Советот на Европа и Парламентарното собрание и натаму ќе ја поддржуваат Република Македонија во реформските процеси и во напорите за целосна интеграција на земјата во ЕУ.