Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска престојуваше во работна посета на Валандово, во придружба на директорот на Турската агенција за координација и развој, Махмут Чевик.
Во родното Валандово претседателот Иванов и неговиот гостин остварија средби и разговори со градоначалникот Николче Чурлиновски, со претставници на бизнис секторот од општината и наставници од гимназијата „Гоце Делчев“ кои беа насочени кон остварување соработка и учество во заеднички проекти со турскиот бизнис сектор.
– Сите разговори се водеа со цел да се согледаат потенцијалите што ги има општина Валандово и можностите за размена на искуства, сознанија и наоѓање партнери за инвестирање од страна на турскиот бизнис сектор. Разговаравме за сферите на интерес на општина Валандово во кои може да се соработува, односно за понудата на општината за областите во кои конкретно може да се соработува. Се надевам дека посетата ќе вроди наскоро со конкретна соработка и зафати од кои граѓаните на Валандово и валандовско ќе имаат бенефит, изјави претседателот.
Директорот на Турската агенција за координација и развој, Махмут Чевик изрази голема благодарност за довербата што ја има од претседателот Иванов и вети во наскоро време средба меѓу бизнисмените од двете земји.
Тој најави доаѓање на експерти од областа на земјоделството кои во Валандово ќе го снимаат теренот за одгледување индустриска калинка и градење фабрика за нејзина преработка, како и помош за текстилната индустрија и земјоделските паралелки од валандовската гимназија за реализирање проекти.
Во рамки на денешнава посета на Валандово претседателот Иванов со својот гостин Чевик оствари средба и со жителите на селото Дедели.