Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Француската Република, Лоранс Оер.
На предавањето на акредитивните писма, претседателот Иванов на амбасадорката Оер и посака успешно извршување на дипломатските должности, поздравувајќи го претстојното одбележување на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи на Македонија и Франција.
Иванов го нагласи значењето на поддршката од Француската Република во процесот на интеграција на Република Македонија во Европската унија и НАТО, истакнувајќи дека и покрај блокадите, земјава и натаму со несмален ентузијазам ќе продолжи со исполнување на реформите.
– Сакам да ве уверам дека блокадите со кои се соочуваме во реализацијата на овие цели, воопшто не го намалуваат нашиот ентузијазам и посветеност. Напротив, тие се мотив повеќе за нас, и за нас прашањето за формално членство во НАТО и ЕУ никогаш не било дали, туку кога. А се до тогаш, Република Македонија ќе продолжи со реформите и исполнувањето на потребните стандарди и критериуми, за формалното членство да стане чисто техничко прашање, изјави претседателот Иванов во поздравното обраќањето.
Се надевам, додаде тој, дека Француската Република имајќи ги предвид реалностите во нашиот регион, имајќи ги предвид пошироките колективни интереси за ширење на зоната на стабилност, безбедност и просперитет во Југоисточна Европа, ќе и помогне на овој план на Република Македонија.
Амбасадорката Оер изрази уверување дека Франција ќе остане посветена на продлабочување на билатералната соработка во сите сфери од заемен интерес и изрази поддршка во реализацијата на стратешките цели на Република Македонија.
– Мојата мисија се случува во еден важен момент за вашата земја на нејзиниот пат кон Европската унија, во подготовка на нејзиното законодавство но и во добрите практики, инвестирање во иднината, добрососедските односи. Во тој поглед познати ни се пречките и посакуваме што побрзо да се најде заедничко прифатливо решение во однос на прашањето за името, истакна амбасадорката Оер.
Двајцата соговорници го поздравија успешниот развој на билатералните односи меѓу двете земји и истовремено се согласија дека сè уште постои неискористен потенцијал во сферата на економијата, културата, образованието и науката, како и во делот на интензивирање на економските односи.
Воедно, македонскиот претседател изрази подготвеност за повторно воспоставување на дијалог на највисоко ниво, во насока на одржување на традиционално пријателските и историски врски меѓу двете земји и упати поздрави до претседателот на Француската Република,Франсоа Оланд.