Пресудата за „Беса Транс“ ќе биде објавена на 7 март

Од:

Пресудата за случајот „Беса Транс“ ќе биде објавена на 7 март откако денеска во Основен кривичен суд Скопје се одржаа завршните зборови од процесот.

Во случајот се обвинети едно физичко и едно правно лице за продолжено кривично дело „фалсификување исправа“.

Според обвинителниот акт, обвинетиот Беким Хаџиу, како управител на правното лице „Беса Транс БТБ ДООЕЛ Скопје“ од Рашче, искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, преку возачите кои управувале автобус во сопственост на фирмата, извршил повеќе временски поврзани дејствија и употребувал како вистинска лажна јавна исправа – Извод од лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај.

Во завршните зборови, јавниот обвинител Владимир Милошевски денеска истакна дека обвинителството надвор од секое разумно сомневање докажало дека обвинетите го сториле кривичното дело што им се става на товар.

– Обвинителството понуди и изведе над 100 докази поврзани со кривично-правниот предмет на подигнатото обвинение, а во смисла на преземени дејствија на првообвинетиот како управител на обвинетиот правен субјект, рече Милошевски.

Тој потсети дека еден од сведоците, претставник на Министерството за транспорт и врски, во сведочењето навел дека за конкретниот автобус нема издадено лиценца ниту постои барање во Министерството за транспорт и врска за да се издаде лиценца.

– Од оваа околност, може јасно да заклучиме дека обвинетиот знаел дека автобусот не поседува извод од лиценца, но, сепак, на датумите кои што се воведени децидно во обвинителниот предлог, автобусот ја напуштил територијата на Република Северна Македонија и заминал во странство, рече обвинителот.

Според него, од материјалните докази произлегува дека автобусот излегувал со фалсификувана јавна исправа, изводи од лиценци кои не кореспондираат со ниту еден материјален, ниту, пак, вербален доказ.

– И сведоците на одбраната, возачите на автобусите, наведуваат дека возилата биле со спремни документи од правниот субјект, ставени во папка и со таквите документи, веќе претходно подготвени, го управувале автобусот. Очигледно, тоа доведува до заклучок дека овие возачи биле должни само да имаат документи за сопственото управување со возилото, образложи обвинителот.

Тој побара обвинетиот Беким Хаџиу, сопственик на „Беса Транс БТД ДООЕЛ Скопје“ да биде огласен виновен и казнет со закон, согласно член 39 и 32 од Кривичниот законик, а воедно, истото го побара и за правниот субјект „Беса Транс БТБ ДООЕЛ Скопје“.

Асмир Алиспахиќ, бранител на Беким Хаџиу, во завршните зборови истакна дека обвинението не може да опстане, бидејќи, како што рече, во случај да била лажна исправата, не би можеле да го поминат граничниот премин, ниту да го управуваат кој било автобус.

– Обвинителството не понуди ниту еден доказ, а според мене, круцијалниот доказ за тоа дека била изготвена лажна јавна исправа е вешт наод и мислење, такво нешто нема, ниту можело да има, бидејќи ниту една од изводите од лиценци, при поминувањето на автобусите не е утврдено дека останува збор за лажна јавна исправа или преправена или направена, рече тој.

За да опстане ова кривично дело, според него, треба да биде основното битие на кривичното дело „фалсификување исправа“, став 1.

– Во конкретнава ситуација, претставникот на Министерството за транспорт и врски (МТВ), Драганче Јовев, одговори дека сите лиценци се издадени од органот. Тоа значи дека сите лиценци кои што биле прикажани и изводи од лиценци на граничниот премин, се издадени од органот МТВ, рече Алиспахиќ.

Тој потенцираше дека наводите кои ги тврдеше обвинителството не можат со ниту еден материјален или вербален доказ да се потврдат, дотолку повеќе што одбраната, како што рече, докажала дека таа теорија не може да опстане.

Според одбраната, единствената законита и правилна одлука е обвинетиот да се ослободи од обвинение обвинетиот.

Кон завршните зборови на адвокатот Асмир Алиспахиќ се приклучија и обвинетиот Беким Хаџиу, како и претставникот на обвинетото правно лице „Беса транс БТД ДООЕЛ Скопје“ и неговиот застапник.

Пресудата ќе биде објавена на 7 март во 9 часот во Основен кривичен суд Скопје,

Процесот го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Владимир Милошевски.

Би можело да ве интересира

Пресудата не може да опстои, лажна исправа не е изработена, вели адвокатот на сопственикот на „Беса Транс“

За несреќата надлежно е бугарското обвинителство, овој предмет е за фалсификување на исправата, вели обвинителот во предметот „Беса Транс“

Година и осум месеци затвор за сопственикот на „Беса Транс“

Горан Наумовски

Пресудата за случајот „Беса Транс“ ќе биде објавена на 7 март

А1он

Завршни зборови за „Беса Транс“ на 17 јануари

A1on

На судењето за „Беса транс“ доставени видео записи за преминот на автобусот на граница и работата на царинската управа и граничната полиција

Ана Ололовска