Сега кога на Никола Груевски и групата околу него им гори под нозете, одеднаш излезе дека многу работи можеле и поинаку, па им затребаа и сточарите. На овие луѓе, кои се оставени без субвенции за млеко и за откупено јагне, додека мака мачат со планирањето на производството, министерот Михаил Цветков пред некој ден им вети дека субвенциите ќе им ги исплатат во април, рече Татјана Прентовиќ, претседателка на Комисија за земјоделство на СДСМ.
На прагот е ново лето, а сточарите, на средбата со министерот, слушнаа ново “ЌЕ“ за обесштетувањето за угинатите овци од болеста син јазик од ланското лето.
После цели 9 години владеење, сточарите слушнаа ветувања за обновување на бачилата, кои се оставени без вода, без струја, без громобрани… Ќе се обновувала инфраструктурата на 100 пасишта ветуваше министерот?! На кои 100 пасишта?!
Пасиштата зафаќаат се поголема површина, што сега изнесува над 800.000 хектари, за сметка на површините за орање што се намалени на 500.000 хектари. Од овие површини, само 29.000 хектари се зафатени под фуражни култури или само 6% од засеаната површина во Македонија. Ова е неспоредливо ниска застапеност, во споредба со земјите со развиено сточарство каде овие површини изнесуваат 40%.
Токму во Извештајот на Министерството за земјоделство, стои дека недостатокот од фуражни култури и добиточна храна е главниот фактор во сточарското производство, што ја зголемува цената на месото и млекото. Затоа Македонија троши за увоз на добиточна храна и по 25 милиони евра годишно.
Продуктивноста на пасиштата во Македонија е исклучително ниска. Овие површини треба да соодветствуваат со бројот на грла кои одат на летна испаша. Во моментов има премногу вакви површини со ниска продуктивност. А нема овци, ниту има овчари.
Министерот премногу задоцнил со мерките за овчарството.
Во каква состојба се наоѓа овчарството, говори единствениот аргумент што го имаше министерот за сточарите, а тоа е дека, замислете, било запрено намалувањето на бројот на овците. А и тоа не е точно, бидејќи намалувањето од некогашните 2 милиона овци на само 530.000 грла, продолжува.
И, намалување нема само на овците, туку и на останати категории добиток – говеда, свињи, живина, па дури и пчели, ако веќе набројуваме.
Затоа, од каде министерот ќе почне да ги решава 9 годишните натрупани проблеми во сточарството, додека власта на Груевски за сопствени милионски бизниси го претвора Скопје во камен?
Нема развојни политики, па затоа нема ни резултати во сточарството. Поволните кредити и субвенционирањето по глава овци што задоцнето се предлагаат како мерки, се предлози преземени од програмата на СДСМ.
Со еден збор, состојбите се излезени од контрола. Не се решаваат плански и навремено, туку според потребите, и партиските интереси на власта. Жртва во овие игри се и сточарите.