Со дотраени цевки и „дупки“ во скопскиот водовод губиме и до 60 отсто од водата за пиење

Од:

Дел од жителите на Скопје се уште пијат вода од азбестни цевки. Во ветувањата на политичките партии, особено пред избори, редовно пишува дека ќе се заменат сите водоводни-азбест цевки во државата, но и покрај тоа, одреден процент од граѓаните се уште пијат вода од цевки кои веќе одамна се исфрлени од употреба во другите држави и од водоводите, и од градежништвото.

Според податоците од ЈП Водовод и канализација – Скопје, вклучително со 2020 година, 7,5 отсто од водоводните цевките се салонитни или азбест-цементни.  Од јавното претпријатие велат дека азбестот е штетен само кога е во прашкаста форма и се вдишува, но сепак, признаваат дека со целосното менување на азбестните цевки, би се намалиле и дефектите на мрежата, но и губитоците на вода.

„Азбестните цевки се во многу мал процент застапени во нашиот систем, во периферните делови на градот и не претставуваат опасност по здравјето на граѓаните, бидејќи азбестот е штетен кога е во прашкаста форма и се вдишува. Имајќи го предвид овој факт, во случај на дефект на овој тип на цевки истите се заменуваат целосно“, велат од ЈП Водовод и канализација.

Градот Скопје има водоводна мрежа со вкупна должина од 1.205 километри. Според материјалот на цевките, најголем процент, 59 отсто, се лиено-железни, полиетелински и поцинковани има по околу 8 проценти, а салонитни или азбест цементни се 7,5 проценти. Помал процент од цевките се челични или ПВЦ.

Азбестни цевки се уште имa во дел од општините Шуто Оризари, Карпош, Ѓорче Петров, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Центар, Кисела Вода и други.

„Самата динамика на менување на азбестните цевки е согласно процентуалната застапеност на ваков вид на водоводна мрежа по пооделни општини и секако треба да биде во координација и динамиката на реконструкција на улиците во одделните општини. За осовременување на постоечката водоводна диструбитивна мрежа и во 2021 година, ќе се продолжи со динамиката на замена на постоечките азбест-цементни и поцинкувни цевки односно цевководи со несоодветен материјал и профил со употреба на квалитетни материјали , со што ќе се намалат дефектите на мрежата, а воедно и загубите на вода“, велат од ЈП Водовод и канализација.

Една третина од водата „исчезнува“ од водоводните цевки

Пресметаните физичките загуби изнесуваат 32,87% од влезниот волумен на вода во системот

Да се каже дека дел од водата од водоводните цевки во Скопје буквално се губи и исчезнува во 21 век звучи донекаде и нереално, но овие податоци се сретнуваат во речиси секој извештај на ЈП Водовод и канализација, со многу мали промени во текот на годините.

Последниот извештај на претпријатието е од 2019 година, кој покажува дека губитоците на вода, односно пресметаните физичките загуби, изнесуваат речиси 32,87% од влезниот волумен на вода во системот. Од „Водовод и канализација“ признаваат дека станува збор за голем предизвик, дека има извесно намалување на губитокот во однос на 2018, но сепак ова е недоволно.

Како причини за ваквиот губиток на водата се наведуваат неточност на водомерите, дивите приклучоци, и во најголем процент се физичките губитоци, односно водата која се губи поради старата и дотрајана водоводна мрежа.

„ЈП Водовод и канализација Скопје има усвоена проактивна политика за детекција на реалните загуби во мрежата – Стратегија за намалување на загуби која се имплементира, со која се превидува намалување на загубите на вода и до 10 проценти. Службата за испитување дефекти на водоводна мрежа главно работи на проактивно откривање на истекувањата и на пријавени истекувања“, велат од претпријатието.

И секако, не станува збор само за скопската водоводна мрежа. Колку за пример, во ревизорскиот извештај на КЈП „Водовод“- Кочани е констатирано дека во системот за снабдување со вода во 2019 година се испорачани вкупно 4.787 илјади метри кубни вода за пиење, а фактурирани се 1.544 илјади метри кубни вода за пиење. Тоа претставува 32,25% фактурирана количина во однос на испорачаната, односно регистрирана е загуба на вода што се должи на дефекти во системот (стара и дотрајана водоводна мрежа), кражби и диви, нелегални приклучоци.

Над 60 отсто од водата од скопскиот водовод не се фактурира

Во загубите на вода од комунална потрошувачка влегува и потрошена вода за полевање зелени површини, дрвореди, расадничко и оранжериско производство

Освен загубите на вода поради старата и дотрајана водоводна мрежа, кражбите и дивите приклучоци, голем процент на загуби на вода се евидентираат преку разликата помеѓу произведена и продадена (фактурирана) вода до корисниците.

Тука станува збор за потрошената вода преку јавните украсни чешми, фонтани и санитарни чворови, испирањето на канализациона мрежа, како и потрошената вода за полевање зелени површини, дрвореди, за миење на јавните сообраќајни површини тротоари, плоштади и др. Наместо да се троши техничка вода, сето ова се прави со вода за пиење.

„Во принцип секое црпење вода треба да биде врз основа на дозвола, а не е. Кај нас поголемите корисници аплицираат за дозволи и има некој систем во министерството, но дали сите кои користат имаат дозвола, не знам да ви кажам. Во дозволата има колку смее да црпи, каде смее да црпи и каде треба да ја испушта. Кај наводнувањето тоа оди преку хидро системите и тие знаат каде и колку вода се пушта, кај повеќенаменските прво се зачувува за пиење, а со остатокот се овозможува водоснабдување за потребите на наводнување, па постои можност за контрола. Кај пералните претпоставувам дека користат вода од чешма, не користат друг тип на вода. Поентата е дека тука не треба да се користи питка вода за таа намена“, вели проф. д-р Билјана Пулевска Јанушевска, експерт за води.

Проблем се јавува и кај комерцијалните загуби, поради потрошена вода од неевидентирани корисници, од бесправно користење хидранти и преку потрошена вода преку отпишани – спорни сметки.

Питката вода не треба да се користи за други намени“, вели проф. д-р Билјана Пулевска Јанушевска

Ако се земат предвид сите овие аспекти, крајниот резултат, според последните достапни информации е следен: од вкупното годишно производствo на вода во 2019 кое изнесува 102.272.083 метри кубни,  за потребите на домаќинствата и останати корисници (индустрија,комерција и институции) фактурирани се  38.471.458 кубни метри  вода или само 37,62 проценти и неизмерена  фактурирана потрошувачка (паушална потрошувачка) од 284.912 метри кубни.

Со други зборови, ова значи дека скопскиот водовод на годишно ниво, во случајов во 2019 година, имала нефактурирана вода од над 60 отсто.

„Нерационалната потрошувачката за која причина се секако високите температури во летните месеци и  недостаток на врнежи,  стана речиси редовна појава при која жителите нерационално користат вода не само за своите санитарни потреби туку и за полевање на зеленилото, на своите ниви и сл. За да се намалат загубите треба да се работи на намалувањето или отстранувањето на нерационалната потрошувачката  во летните месеци, а свеста на луѓето сметаме дека е главниот фактор. Секакви рестрикции и исклучувања од системот можат да предизвикаат несакани појави“, велат од ЈП „Водовод и канализација“.

Професорката Пулевска Јанушевска вели дека закони имаме, но проблемот е во нивната имплементација за да се решат овие проблеми.

„Проблемот е во капацитетите на министерството и на инспекциските органи кои треба да внимаваат. Ние немаме доволен капацитет да размислиме дека она што е во природата, не е лично, наша сопственост. Треба да се зајакне свеста кај граѓаните дека доколку користат природен ресурс треба да се аплицира за некаква дозвола, затоа што тоа влијае на целокупниот статус на водите. Претпоставувам дека недостигаат финансиски средства кои се предвидени во буџетот со оваа намена, за да се дојде до степен секој корисник да евидентира, секој корисник да се знае колку вода црпи, каде црпи, каде ја испушта, со каков квалитет црпи, со каков испушта и врз основа на тоа да си го плати надоместкот кој законски треба да го плати за црпење на вода како корисник и испуштање на вода, доколку не ја прочистува“, вели таа.

„Со овој прилог, А1он.мк се приклучува кон кампањата ‘Разбистри сè‘, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје“

Би можело да ве интересира

Струмичката вода се уште не е за пиење

А1он

АХВ: Водата во Струмица не е за пиење, има манган и колиформни бактерии

Горан Наумовски

Водата во Гостивар не е за пиење, откриена е бактеријата ешерихија коли

Нема да има зафат во Рашче, скопјани денеска ќе имаат вода

Катерина Ѓуровски

Арсовска постави нов директор на Водовод и канализација

Саниран дефектот кој остави без вода поголем дел од центарот на Скопје

Катерина Ѓуровски