Прекинато тестирањето на 4.500 ученици поради штрајкот за поголеми плати на Државниот испитен центар

Од:

Државниот испитен центар го прекина меѓународното тестирање на 4.500 ученици од основното образование поради штрајкот за поголеми плати и остави во неизвесност над 15.000 матуранти кои треба да полагаат државна матура.

Синоќа наставниците од четврто и од осмо одделение чии одделенија беа избрани за тестирање, добија пораки дека меѓународното истражување ТИМСС кое требаше да се одржи на 5 мај е одложено и истото ќе се одржи после 14 мај. Ова големо тестирање треба да заврши до 25 мај.

ТИММС (Trends in International Mathematics and Science Study) е меѓународна студија по математика и по природни науки која го мери знаењето во четврто и во осмо оделение. За овие студии, државата плаќа котизација за учество.

Минатата недела 29 вработени во ДИЦ почнаа да штрајкуваат се до добивање на согласност од Министерството за финансии за зголемување на платите, но ниту од едно министерство немаше одговор дали вработените во испитниот центар ќе добијат повисоки плати.

– Наставниците одамна добија покачувања, а платите наши беа заборавени. Со покачување на минималната плата веќе двапати, се зголемија само на тие со најниска позиција. А ние сме основата т.е. стожерот на еден куп процеси кои се случуваат во образованието. Дојдовме во ситуација во која вработените не можат да преживеат со оглед на поскапувањата. Ние имаме улога многу посериозна од тоа колку нѐ цени Владата. Се надеваме дека во најскоро време ќе добиеме позитивен одговор. Не е само државната матура, има процеси коишто се врзани со рокови. Овие вработени се во клучни процеси, секој од нив е битен и битно е да биде стимулиран, да добиеме плата за достоинствен живот, изјави Емилија Бошковска, претседателка на синдикалната организација на ДИЦ.

Штрајкот ги стави во неизвесност 15.620 матурнати кои не знаат дали ќе полагаат државна матура на време која пак е законски услов за упис на факултет.

На 27 мај треба да се полага првиот екстерен испит – Мајчин јазик и литература кој е задолжителен за сите матуранти. Македонски јазик и литература се пријавиле да полагаат 10 768, Албански јазик и литература 4380, Турски јазик и литература 357 матуранти.

На 10 јуни е закажан тестот од вториот екстерен испит. Тој е изборен и матурантите имаа можност да избираат меѓу седум предмети. Испитите ќе почнуваат во 10 часот, а за реализација на државната матура ќе бидат вклучени околу 1700 тестатори. Доколку (навреме) се реализира јунската сесија, матурантите што нема да ја положат матурата или не во целост, ќе може да полагаат во августовската испитна сесија – на 9 и 11 август.

Министерот Јетон Шаќири ги повика вработените да не ја доведуваат во прашање државната матура. Апелираше тие, заедно со директорката, да комуницираат со другите институции и да го чекаат Општиот колективен договор.

Би можело да ве интересира

Худолин: Ако има премногу деца во училниците, тогаш се отежнува учењето

(ВИДЕО) Левица: Директорот на ООУ „Ѓорѓија Пулевски ги уценува родителите на затруените деца

Горан Наумовски

Училишните клупи празни, наставничките канцеларии преполни, велат од Левица

Горан Наумовски

Новата учебна година ќе почне за 245.000 ученици во основните и средните училишта

МОН: Над 1.000 асистенти во новата учебна година ќе бидат поддршка на учениците со попреченост

Нема да има пролетен распуст за учениците