Над половина од одредбите во Предлог законот за бесплатна правна помош треба да претрпат промени и поради тоа се враќа на доработка во работната група во Министерството за правда.
Ова беше констатирано на денешната јавна расправа во Собранието на Република Македонија во рамки на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, по истакнување на недостатоците на овој Предлог-закон, што се коси со Уставот и Законот за адвокатура, од страна на Адвокатската комора на РМ, како и на претставници на невладини здруженија.
Претставникот на Адвокатската комора на РМ, адвокатот Љубомир Михајловски – Џанго посочи дека Законот за бесплатна правна помош треба веднаш да се повлече од процедура, бидејќи е спротивен на Уставот и Законот за адвокатура и претставува директен удар на независноста на адвокатурата, односно со него државата се обидува да направи паралелна адвокатска тарифа и да ја контролира стручноста на работата на адвокатите.
Тој потенцираше дека Адвокатската комора ги поддржува напорите на Владата, и дека сака да им помогне на ранливите категори, но не со закон со кој се презема саморегулацијата како основен елемент на назависноста на адвокатурата.
– Предлагачот во законското решение вметнал тарифа за работа на адвокатите, а единстевен надлежен орган за носење на Тарифа е Адвокатската комора. Адвокатските согласно Законот за адвокатура, се должни да работат во согласност со Тарифата која ја носи Адвокатската комора, а за наплата под Тарифата е предвидена дисциплиска мерка што во случајов е одземање на адвокатската лиценца. Заговарањето на некаква паралелна тарифа, како што тоа се прави со овој Закон, претставува директен атак врз независноста на адвокатурата и тоа нема да помине пред Уставниот суд на РМ, вели Михајловски.
Со законот, како што додава, се прави обид за воведување контрола на квалитетот на работата на адвокатите од страна на државата што, исто така, е спротивно на Уставот на РМ.
– Ако законот оди во оваа форма, ќе го бутнеме на Уставен суд бидејќи истиот би вовел единствено правна несигурност и правен хаос, рече меѓу другото Михајловски.
Адвокатката Бојана Неткова, исто така, претставник на Адвокатската комора, категорично побара повлекување на Законот заради негова доработка согласно Уставот и законите.
– Како претставник на Адвокатската комора на РМ бараме итно повлекување овој Предлог-закон заради негово доуредување, а дополнително и заради проблемите кои денеска покрај нас ги истакнаа и колегите правници од невладиниот сектор. Со законското решение имаме де факто директен упад на државата во самостојноста и независноста на адвокатурата и функционирањето и организацијата на Адвокатската комора, истакна таа.
Ова, според неа, е спротивно на Уставот на РМ и на членот 15 од Законот за адвокатура, кој вели дека адвокатот е слободен, самостоен и независен во својата работа и во рамки на законот, актите на Комората и овластувањето самостојно одлучува за начинот на застапување на правата и интересите на странката.
– Доколку ние имаме надзор што е противуставен и не сме слободни и самостојни во избирање на начинот на кој ќе ги даваме нашите услуги автоматски имате колизија на овие два закони, а потои и се коси со Уставот. И затоа ние сме категорични кога бараме повлекување на овој предлог. Не може да има паралелна Тарифа во закон, а Законот за адвокатура е лекс специјалис произлезен од Уставот каде што сме област која е дефинирана со Уставот и само Адвокатската комора е единствена надлежна за носење на Тарифата на адвокатите, образложи Неткова.