Пратениците го изгласаа буџетот на Јанева, а за нејзиниот тим ни да писнат

Од:

Парламентот денеска го изгласа буџетот на специјалното јавно обвинителство и одобри еден милион евра за потребите на оваа институција до крајот на годината, иако се уште не може да се каже дека обвинителството почна со работа. Работата на Катица Јанева и понатаму ја кочи Советот за јавни обвинители кој одбива да го комплетира нејзиниот тим, но тоа не е проблем за пратениците без никаква расправа да ги одобрат средствата, иако се уште не е во состојба да ги користи.

Пратениците не го коментираат овој проблем ниту на седница, ниту надвор од неа. На прашањето „Што мислите за тоа што Советот крши закон кој претходно го донесовте? И зошто буџет кога се уште не се избрани обвинителите?“, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не препраќаа кај координаторот, Илија Димовски.

-Мојот став е идентичен како тој на координаторот. Јавете се кај него – ни одговори пратеничката Ане Лешкоска.

-Се имаме договорено координаторот да дава изјава за медиуми, побарајте го него – вели Славе Гошев, уште еден граѓански избраник, предложен од ВМРО-ДПМНЕ.

Според независната пратеничка, Солза Грчева, лицемерно е од Парламентот да го гласа буџетот на Јанева, во случај кога нови препреки ја кочат нејзината работа.

-Ова носење на буџетот сега, додека не се реши проблемот на функционалноста на тоа обвинителство, е избразано и нема да донесе ништо ново. Носењето на буџетот нема да го направи специјалното обвинителство пофункционално. Што ако ги добие парите, кога нема луѓе?

Немаме седум обвинители, најлицемерно гласаме буџет кога знаеме дека таа е системски хендикепирана. Мене ми е сосема јасна позицијата на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, они не сакаат да проработи ова специјално јавно обвинителство. Сите се за доделување на буџетски средства за обвинителство кое е нефункционално. Најлесно е да се одземат парите и да се дадат, а на страна е оставено тоа што обвинителството не може да работи вака – вели Грчева.

Според неа во законот за специјално јавно обвинителство има дупки кои можат да се искористат за да се блокира работата на Јанева. Грчева вели дека Советот за јавни обвинители ја има надлежноста да ја разреши Јанева и дека тоа може да се искористи доколку власта реши и понатаму да го опструира ова обвинителство.

-Не требаше тоа да се остави на волјата на Советот и Катица Јанева да зависи од нив. Тоа е системска грешка во услови кога имаме институции на кои не им се верува. Овие опструкции се појавија многу брзо откако законот беше донесен и беа очекувани. Очекувам Јанева и понатаму да биде опструирана – вели Грчева.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

Ниту измените во Кривичниот законик, ниту најавената амнестија не ја опфаќаат Катица Јанева

Пендаровски одби да ја помилува Катица Јанева

Орце Костов

Врховен им ги потврди затворските казни на Катица Јанева и Бојан Јовановски за „Рекет“

Кристијан Ландов

Судењето за милионот одложено, сведоците не дојдоа, тужените бараа да се суди без нив

Ландов

(ВИДЕО) Интервју со синот на Катица Јанева: Во пералната и фонтаната ни бараа прислушкувани разговори, мајка ми има што да каже, ќе дојде ден

Кристијан Ландов

Јанева: Не знам кога ме снимал Боки, јас снимката ја видов во Обвинителството

Ландов