Доктори од повеќе дејности се добитници на годинашната „Ноемвриска награда“, највисоко општинско признание во Куманово, соопшти денеска на прес-конференција претседателот на Комисијата за одбележување празници и манифестации од Советот на Општината, Сашо Милковски. Годинава наградата ја добија четворица доктори и две правни лица, меѓу нив и кумановската болница.
Ноемвриската награда за 2020 година во вид на диплома и паричен износ на свечена седница на Општината ќе им биде доделена на Јадранка Стаменковска – лекар специјалист, епидемиолог, раководител на Одделение за епидемиолошка дејност при Центар за јавно здравје Куманово и член на Штабот за заштита и спасување на Општина Куманово, за нејзината долгогодишна работа и огромна посветеност во превентивната заштита и подигањето на квалитетот на здравјето на граѓаните, особено во периодот на започнување на пандемијата на коронавирусот, кога преку раното детектирање придонесе за зачувување на животот и здравјето на граѓаните.
Александар Трифуновски – лекар специјалист, хирург-уролог, вработен во Универзитетската клиника за урологија Скопје, кој беше дел од тимот за трансплантација на бубрези од жив дарител во Одделот за трансплантација, за неговиот особен придонес и ангажман при учество во бројни трансплантации, како и во првата истовремена трансплантација на срце и бубрези.
Али Далипи – лекар специјалист, офталмолог, началник на Одделот за очни болести при Општа болница Куманово, за неговата долгогодишна работа и особен ангажман за дејноста, за што сведочат и добиените признанија и пофалници од релевантни институции од државата, и автор на повеќе стручни трудови од областа на офталмологијата.
Азис Бајрами – лекар специјалист инфектолог, вработен на Инфективното одделение при Општа болница Куманово, за неговата посветена работа во здравствената дејност, за што сведочат добиените признанија и пофалници, а особено заради неговиот ангажман во периодот од започнувањето на пандемијата предизвикана од коронавирусот, при што го вложуваше целиот свој лекарски и човечки капацитет во лекувањето на пациентите заболени од овој опасен вирус.
Ноемвриската наградата за 2020 година во вид на диплома ја добија ЈЗУ Општа болница Куманово за повеќедецениското успешно работење во областа на здравствената дејност, а особено заради одговорното однесување на медицинскиот персонал и грижата и пожртвуваноста која ја покажаа во областа на прифаќањето, правовремената реакција и одговорот на потребите на пациентите заболени од коронавирусот во периодот од започнување на пандемијата.
Наградена е и телевизијата „Плус“ од Куманово за објективното, професионално и навремено повеќегодишно информирање на граѓаните за сите дневни случувања во Општина Куманово и пошироко во регионот, при што особено се истакнаа во периодот од започнување на пандемијата предизвикана од коронавирусот кога преку организирање контактна емисија редовно ги информираше граѓаните како да се справат за време на оваа пандемија, а за граѓаните на кои им беше потребна помош организираше хуманитарни акции.
-Разгледувавме вкупно 21 кандидат, од кои 14 физички лица и седум правни лица. Оваа година за разлика од минатите години Комисијата едногласно донесе одлука да дадеме посебен акцент на здравствените работници. Дефинитивно ова беше нивна година, најмногу придонесоа во борбата против Ковид-19 и беа првиот столб заштитник од оваа болест, рече Милковски.
Одлуката е донесена едногласно, а на добитниците наградата ќе им биде доделена на свечена седница на Општината, по повод Денот на ослободувањето на Куманово.