Пожарите кај Македонски Брод и Чашка ставени под контрола

Од:

Пожарите во југозапладниот плански регион кој го опфаќа подрачјето на општина Македонски Брод се под контрола, но поради високите температури во текот на денешниот ден не се исклучува можноста од нивно проширување и активирање дополнителни сили.

Во кризното подрачје Чашка изминатото деноноќие неколку активни пожари беа изгаснати и ставени под контрола, а во моментов активен е пожарот во реонот на Горна Јакупица и северозпадно од Горно Јаболчиште во месноста Диков Гроб.

Ова денеска на прес-конференција го истакна портпаролот на Центарот за управување со кризи Надица В’чкова, која рече дека на подрачјето на општина Македонски Брод во атарот на селото Брест во местото викано Фојник и во атарот на село Могилец каде гори сува трева, смрека, дабова шума и лисна постилка, пожарот е под контрола. Постои можност, посочи таа, во текот на денот поради високите температури пожарот да прошири од горната и долната страна на селото Брест.

– Во атарот на село Калуѓерец, пожарот е активен и гори сува трева, смрека, дабова шума и лисна постилка. Пожарот се шири кон атар на село Модриште каде гори сува трева и ниско стеблеста шума, но нема опасност од префрлање на пожарот према населеното место Модриште поради природната препрека од реката Треска. Во атарот на село Локвица во местото викано Видуш гори сува трева и на поедини места смрека и е под контрола, потенцира В’ чкова.

Таа рече дека во атарот на село Волче во местото викано Ќафа по течението на реката Волчица и во подножјето на местото викано Челадар во правец на село Волче гори дабова шума, сува трева, лисна постилка и смрека и пожарот постепено се шири кон местото викано Сува Гора и кон населеното место Волче и во моментов е со намален интензитет.

– Во моментов во овие места ангажирани се АРМ, ЈП „Македонски шуми“ од Македонски Брод и од Кавадарци и Територијалната противпожарна единица – Македонски Брод, и единицата на локална самоуправа од тој град и лица од месно население, рече В’чкова.

Таа упати апел до граѓаните да внимаваат при работа и движење на отворено, да не користат запаливи материи, да не фрлаат отпушоци од цигари и ако забележат одреден чад да се јават на телефонскиот број 195 за итни повици на ЦУК.

Од ЦУК информираа дека во моментот на територијата на Град Скопје има еден пожар на мешана шума кај село Грачани (близу граница со Косово) на тешко пристапен терен. Пожарот кај Браната Матка кон планината Водно е изгаснат.

Активен пожар има и на подрачјето на село Галиште во општина Кавадарци, кој е префрлен од општина Прилеп од три локации (од селата Радобил, Ѓудаково и местото викано Србиново), каде гори сува трева и во гасењето интервенираа ЈП Македонски шуми „Бор“. Во Пелагонискиот плански регион во атарот на селата Дрен – Смолани пожарот е активен и гори нискостеблеста дабова шума.

Од ЦУК посочуваат дека активен е пожарот и над село Туденце и се шири во насока на село Сириќино во тетовско-полошкиот плански регион и е зафатена ниска шума и сува трева. Се очекува во денот да интервенираат од ЈП Македонски шуми Лешница – Тетово.

Од општина Брвеница и жители на село Гургурница, наведуваат од ЦУК, пожарот кој бил во близина на селото е локализиран, но дека е се уште активен на другата страна кон село Здуње од општина Македонски Брод и постои опасност да се прошири и кон село Гургурница. Од општина Брвеница очекуваат во текот на денот да интервенираат и авионите на Дирекцијата за заштита и спасување.

Според РЦУК – Струмица, на планината Плачковица во близина на село Шипковица-полска болница се уште е активен пожарот во кој има зафатено високостеблеста мешана шума од бор, даб и бука. На терен има две противпожарни возила со 10 пожарникари и едно возило и 25 вработени од ПШС Плачковица-Радовиш. Екипите активно работат во санирање на состојбата.

– Во врска со прогласената кризна состојба во Македонски Брод и Чашка вчера заседаваше главниот штаб со претставници од надлежните институции. Беше донесен и Акциски план за превенција и справување со пожарите, а беше формиран и Медија центарот, додаде В’чкова.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Агрон Буџаку ги повика медиумите во врска со пожарите да информираат во кој степен кој прв реагира, кој втор, чија е надлежноста и која е координацијата.

Би можело да ве интересира

Учениците од Основното училиште „Тодор Јанев“ во Чашка, од утре се враќаат на настава

Во Чашка трет ден блокади поради отворање на паралелка на албански јазик

Горан Наумовски

Во Чашка зголемени тензиите меѓу полицијата и населението

Горан Наумовски

СДСМ и коалицијата го презеде мнозинството во Советот на Македонски Брод

МОН: Непотребно е мешањето на политиката во случајот со училиштето „Тодор Јанев“ во Чашка

Едни протестираа, а со други родители од училиштето во Чашка министерот Шаќири имаше средба

Предраг Петровиќ