Повторно притвор за Јанакиески без сознанија за бегство, не е привилегиран како Мијалков

Од:

Определен нов куќен притвор за ексминистерот Миле Јанакиески за предметот „ТНТ“, откако обвинителите воочиле дека не можат да му го продолжат за предметот „Шпански скали“, дознава „А1он“. За разлика од случајот на Сашо Мијалков, каде се чекаше потврда на информациите за можно бегство за да му се одреди притвор, кај Јанакиески притворот е одреден без никакви оперативни сознанија.

Обвинителката Рускоска вели дека причината за нов притвор за Јанакиески е побаран бидејќи против него се водат 8-9 предмети. Прашана зошто не се постапило исто и кон Мијалков кога и против него се водат три предмети и две истраги, таа рече дека немала таква информација. Обвинителот Бурим Рустеми кој го води предметот „ТНТ“ за „А1он“ вели дека барал притвор за да биде раат, а тоа не го сторил порано бидејќи Јанакиески веќе бил во притвор.

„Поднесов предлог, му истекува сега на 26 февруари и поради тоа. Постапките се при крај и нормално, се очекува дека може да избега. Доказ е тоа што предметот се движи при крај, тоа е посебен притисок и всушност тој има повеќе постапки. Нормално, како што оди при крај предметот, извесноста дека ќе побегне е поголема. Јас сметам дека е посигурно да седи во притвор, бидејќи за некој месец ние ќе завршиме. Јас сум убеден за мојот предмет дека имам докази за осудителна пресуда, сакам да бидам раат и чист по мојот предмет. Бев известен дека притворот не може да се продолжи по предметот за кој веќе му е одреден и сметам дека треба да се предложи“, вели Рустеми за „А1он“.

И шефицата на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска, за „А1он“ вели дека притворот е поради многуте постапки.

„Тој беше во куќен притвор и претходно, за ’27 април’, па кога почнаа ‘Шпански скали’ беше за тоа, така што сега истекува за ‘Шпански скали’.. Се водат премногу постапки за него, од тие причини е притворот. Ние тргаме од околноста бидејќи за него се водат 8-9 предмети против него. Така што, ако не е во куќен притвор има голема шанса да се даде во бегство, чисто бидејќи има стварно многу постапки“, вели Рускоска за „А1он“.

Рустеми вели дека побараниот притвор за „ТНТ“ не е изигрување на законот, а се согласува дека доколку против Јанакиески не се водеа повеќе предмети, тој ќе бил на слобода поради неможноста да се побара притвор.

„Ако немаше друг предмет, немаше да може да му се одреди притвор бидејќи по закон 1 година може да биде во притвор за 1 предмет, по поднесување на обвинение. Тоа значи дека во предметот за кој му беше одреден не можеше да се одреди, ако немаше друг, ќе се пуштеше на слобода. Нема индиции до сега, затоа што беше во куќен притвор. Претходниот притвор, не значи дека не важи за нас. Побаравме притвор до завршување на постапката, кај и да е ќе заврши. Тоа е направено координирано со обвинителката Вилма Рускоска, таа не се побуни“, додава Рустеми за „А1он“.

Обвинителката Рускоска вели дека нема увид во предметите на СЈО, па така, не знае во колку е обвинет Мијалков, прашана зошто и за него не бил побаран притвор по истиот основ како за Јанакиески.

„Не знам јас колку постапки се водат за него. Тоа стварно не знам. Јас во суштина освен што се запишани предметите на СЈО во уписник, тие кои се наша надлежност, стварно немам увид во нивните предмети, додава Рускоска за „А1он“.

 

Би можело да ве интересира

Миле Јанакиески останува да се брани од слобода, Кривичен го одби барањето на Русковска

Кристијан Ландов

Уште неослободен, Русковска бара Јанакиески повторно да оди во притвор

Кристијан Ландов

Укинат куќниот притвор на Миле Јанакиески

А1он

Адвокатот Даути: Ги повикувам надлежните институции да преземат соодветни чекори со цел почитување на законите

А1он

Ќе се одложат други судења на Јанакиески, за ТНТ да се суди уште трипати месецов, одбиени сите докази на обвинетите

Кристијан Ландов

Полициска акција за апсење на изнудувачи

А1он