Управата за јавни приходи повторно ја блокираше сметката на „1ТВ“ чии сопственици се Јасна Мандиќ и „БМЈ Медиа Груп“, фирма зад која стои Миле Јовановски, татко на уапсениот Бојан Јовановски. Неофицијално, сметката на телевизијата е блокирана уште пред Боки 13 да заврши во притвор. Блокадата е бидејќи фирмата има нов долг кон УЈП, кој не го подмирила.
Ова е втор пат во еден месец, „1ТВ“ да работи со блокирана сметка. Претходно, УЈП ја блокираше сметката на телевизијата за неплатен ДДВ од околу 23 илјади евра, а тие го подмирија долгот по написите во медиумите.
Како сопственик на „1ТВ“ која беше отворена во март минатата година, на јавноста и се претставува Боки 13, кој пред четири дена беше уапсен по налог на Обвинителството за организиран криминал, поради сомнеж дека изнудувал рекет од бизнисмени.