Повици за Велигден да се оди во цркви, без дозвола од МПЦ: Ќе ги повикаме луѓето да останат дома

Од:

Повици да се оди во црквите и таму со молитви од свештениците да се прослави еден од најголемите христијански празници, Велигден, се шири на социјалните мрежи. Периодот на празнувањето на Велигден, е истовремено кога се очекува нашата држава да го доживее пикот на коронавирусот, односно кога се очекува бројот на заболени драстично да се зголеми. Иако најчест начин на пренесување на вирусот е преку локална трансмисија, апелите за во сабота, навечер, да се оди на литургиите во црквите – не престануваат. Митрополитот дебарско-кичевската епархија, Тимотеј, за „А1он“ тврди дека црквата не дала благослов за да се организираат собирања во црквите.

Објавите се споделуваат по социјалните мрежи од страна на црковни профили. На профилот од црквата Света Троица која се наоѓа на периферија од Охрид, стои објава во која освен повикот, пишува и дека црквата нема забрана за богослужба, а верниците да одат во сите цркви од охридската парохија за да го прослават Велигден.

„Браќа и сестри Православни Христијани. На ден 18.04.2020 година во 23:30 часот да бидите сите во Црквите во вашата парохија и во 00:00 да го дочекаме Христовото Воскресение како што ни доликува со молитва и со причестна. А не по балкони, и по дворови. Црквата сеуште нема забрана за богослужба, така да сите богослужби остануваат како што се востановени во типикот, но доколку има промени во времето за богослужење дополнително ќе известиме“, пишуваат од црквата Света Троица.

Митрополитот Тимотеј, за „А1он“ вели дека црквата не дала дозвола на никого да шири повици за празнување на Велигден во црквите.

„Црквата нема дадено никаков благослов на никого да организираат или шират некакви повици за тоа што да се прави за празниците. Никој не побарал благослов од нас да настапува во јавноста со вакво нешто. Тоа е недозволено. Ние се придржуваме кон тоа што го кажуваат стручните служби на државата. Денес Синодот ќе даде насоки со соопштение дека во време на богослужбите ќе се сведе на минимум посетители во црквите и се ќе се прави според препораките на стручните служби на државата“, вели Тимотеј за „А1он“.

Истовремено, покрај повикот на црквите, верниците се организираат во сабота, во 23 часот да излезат на балкони, дворови, прозорци и со свеќа во раце да го дочекаат Велигден. Тие ја повикуваат Македонската православна црква да се приклучи со вршење на богослужба во црквите, но на разглас.

За ова, митрополитот Тимотеј вели дека дома, секој може да го одбележува празникот како што мисли дека треба.

„Во тоа не можеме да се мешаме, секој може да одбележува дома, на начин на кој мисли дека треба. Ние ќе ги повикаме луѓето да останат дома, од дома да се молат заедно со свештенството кое ќе биде во црква, за да се зачува здравјето на сите“, додава Тимотеј.

Би можело да ве интересира

Владиката Тимотеј за рускиот свештеник: Ние немаме информации дека бил шпион

Орце Костов

„Работи во Софија, а патува до Скопје за да внесе раскол во МПЦ“: Кој е рускиот свештеник Змеев кој доби забрана за влез во Македонија

Орце Костов

Расчинет свештеник крстел и венчавал со „благослов“ од г.г. Стефан: Венчаните се невенчани, крстените некрстени

Орце Костов

(ВИДЕО) Академик Ќулавкова: Се загрозуваат правата на жената

Горан Наумовски

Г.г Стефан: Собрани сме да им кажеме ДА на животот и на светоста на семејството оформено од еден маж и една жена

(ВИДЕО) Поглаварот Стефан: Жената ја изедначуваат со мажи кои никогаш нема да бидат жени

Горан Наумовски