Повеќе од половина граѓани сметаат дека Груевски не заслужува уште една шанса

Од:

Повеќе од половина граѓани сметаат дека премиерот, Никола Груевски не заслужува уште еден мандат. Вкупно 52 отсто од граѓаните сметаат така, додека 35 отсто сметаат дека Груевски заслужува да ги добие и следните избори, покажува анкетата на Центарот за анкетни истражувања на ИРИ. Бројките се приближни на резултатите добиени во 2011 година, кога 53 отсто од граѓаните сметале дека премиерот не заслужува уште една шанса.
Последното истражување на ИРИ покажува дека се намалува бројот на граѓаните кои ја поддржуваат идејата Македонија да стане членка на ЕУ.

Од 80 отсто во јуни годинава, процентот до октомври паднал на 72 отсто, додека од 14 на 20 отсто се качил процентот на оние кои не поддржуваат членство на Македонија во ЕУ.

Од друга страна се зголемува процентот на луѓе кои сметаат дека недостатокот од демократски реформи се причина за спорото движење на Македонија кон ЕУ. Од 23 отсто во јуни, тој процент во октомври се зголемил на 28, а за три отсто се намалила бројката на луѓе кои како причина го наведуваат спорот со името.

Истражувањето покажува дека 67 отсто од граѓаните ја поддржуваат одлуката на СДСМ да се врати во Собранието, додека 17 отсто се против.

Од Центарот за истражувања на ИРИ заклучуваат дека граѓаните се скептични дека партиите ќе го спроведат Договорот од Пржино и дека се загрижени за кревката стабилност на Македонија

-Македонските граѓани се несигурни околу подготвеноста на лидери на државата да го спроведат Договорот од Пржино потпишан ова лето. Иако севкупното чувство на нестабилност е намалено, анкетата открива сериозна загриженост во врска со капацитетот на институциите да спроведат избори во Македонија, при што граѓаните се сомневаат во безбедноста на нивниот глас и веродостојноста на домашниот Избирачки список – велат од ИРИ.

Егзистенцијални прашања од типот на економијата и невработеноста, додаваат од таму, се најголема грижа на граѓаните во пресрет на изборите во април, кои се предвидени со договорот.

-Дополнително загрижува тоа што граѓаните укажале дека би претпочитале просперитетна економија пред демократски систем на владеење, во случај да треба да одберат само едно од двете – посочуваат тие.

33 отсто сметаат дека новиот специјален јавен обвинител, Катица Јанева, ќе ги истражува независно и без опструкции случаите поврзани со прислушуваните разговори. 28 отсто сметаат дека Јанева нема да работи независно и без опструкции, додека останатите испитаници одбиле да одговорат, или рекле дека не се запознаени со ова прашање.

Нема значителни промени во процентот на граѓани кои ги слушнале политичките „бомби“ на опозицијата. Процентот на оние кои не ги слушнале разговорите но слушнале за нив и понатаму е 14 отсто како во истражувањето на ИРИ спроведено во јуни, а 4 отсто од граѓаните не слушнале ништо за „бомбите“.

Се намалува бројот на граѓани кои мислат дека објавените прислушувани разговори не се автентични. До јуни 65 отсто од испитаниците сметале дека се автентични, а до октомври процентот се намалил на 56 отсто. При тоа се зголемил на оние што сметаат дека разговорите се неавтентични, од 15 на 21 отсто. Од шест на десет отсто се зголемил процентот на испитаници кои одговориле дека објавените разговори го подобриле нивното мислење за функционерите кои се појавуваат во снимките.

На прашањето кој прислушувал, 33 отсто одговориле дека зад прислушувањето стои Управата за безбедност и констраразузнавање, додека 37 отсто одговориле дека станува збор за странски служби.

-Јавното мислење се базира на информациите кои граѓаните ги добиваат. Перцепцијата на граѓаните зависи од видот на информации кои стигнува до нив – велат од ИРИ кои се согласуваат дека во голема мера причина за ваквите резултати во анкетата се медиумите и состојбата во која се наоѓаат.

48 отсто од граѓаните сметаат дека Македонија се движи во погрешна насока, додека 24 отсто сметаат спротивно. 57 отсто се на став дека актуелната Влада нема добар план да се соочи со економските проблеми, додека 32 отсто мислат поинаку. 52 отсто одговориле дека економската ситуација им е иста во споредба со претходната година, 33 отсто дека им е полоша, а 14 отсто дека им е подобра.

51 отсто сметаат дека во Македонија нема слобода на изразување и размена на идеи, наспроти 44 отсто кои сметаат дека има. За споредба во 2010 година поголем бил процентот на граѓани кои сметале дека има слобода на изразување за два отсто во споредба со оние што сметале дека нема.

41 отсто сметаат дека владините реклами негативно влијаат на слободата на медиумите, додека околу 18 отсто не се согласуваат со тоа.

Повеќе од половина, или 55 отсто сметаат дека граѓаните немаат еднаков третман во судовите, а 46 отсто од нив ја наведуваат политиката како причина. 29 отсто сметаат дека причините се од економска природа, а 9 отсто од етничка.

Најголем извор на информации за граѓаните и понатаму се телевизиите, па 87 отсто се информираат преку малите екрани. Сител е права меѓу најгледаните, по што следува АлсатМ, Канал5, 24Вести, па Телма. Преку јавниот сервис се информираат 4 отсто од граѓаните. 63 отсто не читаат весници.

Анкетата е спроведена од од 29 септември до 5 октомври 2015, на примерок од 1.106 македонски граѓани, од страна на Брима, агенција за истражување со седиште во Скопје, Македонија, во соработка со Центарот за анкетни истражувања на ИРИ.

Би можело да ве интересира

На Груевски му застарува затворската казна во случајот „Тенк“ за набавката на мерцедесот

Катерина Ѓуровски

Објавена највлијателната анкета: Трамп води, гласачите сметаат дека Харис е премногу либерална

Германската крајна десница АфД е на второ место на анкетите, една недела пред европските избори

A1on

Една четвртина од младите се пречесто на социјалните мрежи, според нив, партиите се најголем извор на неточни информации

A1on

Анкета на ДУИ: Бујар Османи сигурно влегува во вториот круг во изборот за претседател

A1on

Груевски: Македонија станува протекторат, народот прави црни листи на избори, а не други држави