За ангажирање механизација, работници, сол и чакал за одржување на улиците и патиштата во зимски услови за сезоната 2020-2021 година ќе се потрошат 538 милиони денари, односно 8,7 милиони евра покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
До овој момент се склучени 94 договори за зимско одржување на улиците и патиштата и за набавка на сол и ризла, најголем дел во 2020 година, а помал дел во 2019 година, но со двегодишна важност.
Вакви тендери имале 41 општина и Градот Скопје, 6 локални јавни претпријатија и државното јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта – Македонијапат. Ова претпријатие всушност ќе потроши и најмногу пари за одржување на патиштата во зимски услови, односно само за оваа зимска сезона склучило договори со приватни фирми за 5,7 милиони евра. Тоа е две третини од сите пари што се трошат во земјава за оваа намена. Најголем дел од договорите на Македонијапат се за 2020-2021, но има и двогодишни договори склучени во 2019 година, а кои важат и за оваа зимска сезона 2020-2021.
Најголем меѓу тендерите на Македонијапат е оној за набавка на индустриска сол за патиштата за две години, во вредност од речиси 7 милиони евра, односно по 3,5 милиони евра годишно за оваа и за следната зимска сезона. Станува збор за набавка на 59.555 тони индустриска сол, по цена од 116 евра по тон.
Покрај овој тендер, Македонијапат има склучено уште 24 други договори за ангажирање на камиони, градежни машини и превоз на материјали за зимското одржување на патиштата за целата територија и за секоја своја подружница одделно.
Следна државна институција според вредноста на договорите за зимско одржување на улиците е Град Скопје кој во 2019 година има склучено двогодишни договори за набавка на сол и за чистење на улиците во вкупна вредност од 1,4 милиона евра, односно по 700 илјади евра годишно. Градот има купено 4 илјади тони индустриска сол по 85 евра за тон.
Сепак, покрај Градот Скопје, тендери за набавка на услуги за зимско чистење на улиците имале уште осум други скопски градски општини. Тие, заедно со Градот Скопје имаат склучено договори за зимско чистење на улиците и патиштата во вкупна вредност од 1,4 милиони евра. Покрај Градот, најголеми тендери за оваа намена имаат Центар, Бутел, Карпош и Гази Баба.
Покрај овие градски општини, тендери имале и уште четири други приградски општини.
Од другите општини, најмногу пари за зимско одржување планираат да потрошат Битола, Прилеп и Куманово. Битола – 225 илјади евра, Прилеп 195 илјади евра и Куманово 166 илјади евра.
Што се однесува до фирмите кои добиле тендери за зимско одржување на улиците и на патиштата, на прво место според вредноста на добиените тендери е Димакс рудници од Демир Хисар со четири тендери во вредност од 7,5 милиони евра. На второ место е тетовската ГАН-ЛОГИСТИК која во 2019 и 2020 година, односно за оваа зимска сезона има склучено десет договори со Македонијапат во вредност од 1 милион и 170 илјади евра. На трето место со еден тендер во вредност од 1 милион евра, за чистење на Градот Скопје е Аполо Инженеринг.
Вкупната сума на трошоци за зимско одржување сигурно ќе биде и поголема ако се има предвид дека за шест тендери сѐ уште не се објавени склучените договори и нивните износи.
Сите договори за зимско одржување на патиштата и улиците се дадени во база на податоци во отворен формат, за натамошно користење. Основа за пресметка на трошоците на институциите за зимско одржување на патиштата и улиците се податоците добиени од Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН). Во истражувањето се опфатени тендерите на сите институции на централно и локално ниво спроведени во текот на 2020 година за зимско одржување на улици и патишта, како и тендерите спроведени во 2019 година но со рок на важност на договорите од две години со кои всушност се покриваат трошоците за зимско одржување за 2019 и 2020 година.
Ова истражување се реализира во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.