Земјите-членки на Вишеградската група како влијателен фактор во рамките на ЕУ, ќе продолжи со поддршката на европските и евроатланските аспирации на Република Македонија, истакнале амбасадорите на Чешка, Полска, Унгарија и на Словачка на средбата со претседателот Ѓорге Иванов.
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска беше домаќин на традиционалниот ручек со амбасадорите на земјите членки на Вишеградската група, акредитирани во земјата.
На средбата присуствуваа министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Поповски, амбасадорите на Чешката Република на Полска, вршителот на должност во амбасадата на Словачка Република и заменик амбасадорот на Унгарија, Мирослав Рамеш, Пжемислав Чиж, Роберт Кирнаг и Атила Пинтер.
Претседателот Иванов изрази задоволство од одличните билатералните односи и континуираниот политички дијалог помеѓу Република Македонија и земјите од Вишеградската група, засновани на долги традиционални врски на пријателство и меѓусебно разбирање.
Како што се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот, на средбата соговорниците констатираа дека меѓусебната билатерална соработка континуирано се продлабочува, но дека истовремено постои голем неискористен потенцијал за поинтензивна соработка во голем број области од заемен интерес, а особено на полето на економијата, инвестициите, образованието, културата, туризмот, информатичките технологии, како и земјоделието.
Претседателот Иванов се заблагодари за принципиелната, отворена и силна поддршка на земјите од Вишеградската група за напорите на Македонија и целиот регион за европска и евроатланска интеграција, како важен предуслов за трајна стабилност, мир и просперитет во Југоисточна Европа.
– Република Македонија е целосно посветена на остварување на реформите како и на унапредување на добрососедските односи со сите свои соседи, преку серија инцијативи, конкретни проекти. Република Македонија конструктивно учествува процесот за изнаоѓање решение за прашањето за името, истакна претседателот Иванов.