Потпишана Повелба за заштита на правата на докторите

Од:

Повелба за заштита на правата на докторите со која се обврзуваат понатаму да ја развијат во Закон за докторската дејност во насока на заштита и унапредување на докторската дејност, а особено и заштита на интегритетот и дигнитетот на докторот како личност и професионалец што придонесува кон обезбедување квалитетна здравствена заштита на задоволство и на докторите и на пациентите, потпишаа денеска министерот за здравство Никола Тодоров, претседателите на Лекарската комора на Македонија и на Македонското лекарско друштво, Кочо Чакаларовски и Горан Димитров.

Повелбата ја потпишаа и претставници на лекарската фела.

Министерот Тодоров истакна дека како потписници на Повелбата, како и оние кои кон неа ќе пристапат јавно се обврзуваат секој во своите ингеренции дека ќе работат на заштита и унапредување на докторската професија преку донесување Закон за докторска дејност кој ќе опфати независно и професионално вршење на докторската дејност, чување и унапредување на слободата и угледот на докторското звање, одржување и унапредување на квалитетот на докторските услуги во интерес на заштита на здравјето на поединецот, семејството и населението воопшто.

Меѓу основните начела кои ги содржи Повелбата се и одржување и унапредување на довербата меѓу докторот и пациентот, како и членовите на неговото семејство во вршењето на докторската дејност, заемно почитување на правата на пациентите и на докторите, правото на докторот да се повика на совеста поради сопствени етички, верски и морални обврски да одбие спроведување на дијагностика, лекување и рехабилитација на пациенти ако тоа не е во спротивност со правилата на струката и со тоа не се причинуваат трајни последици за здравјето или не се загрозува животот на пациентот, обврска на докторот да чува како докторска тајна се што ќе дознае за пациентот кој му се обратил за докторска помош, а е во врска со неговата здравствена состојба освен ако со посебен закон тоа поинаку не е уредено.

Во Повелбата се опфатени: право на докторот да биде почитуван од другите доктори и здравствени работници, право и обврска на стручно усовршување на докторот, вреднување на неговата работа согласно колективниот договор, право на докторот и членовите на неговото потесно семејство на заштита ако кон него непосредно се упатени закани, напади и слични постапки во врска со давањето здравствени услуги…

Тодоров рече дека докторот кога врши здравствена дејност и дава здравствени услуги се смета како службено лице кое врши службена должност врз однова на овластување дадено со закон. 

– Напад врз доктор при вршење здравствена дејност и давање здравствени услуги како службена должност или во врска со здравствената дејност се смета како напад врз службено лице при вршење на службената должност, истакна Тодоров.

Додаде дека очекува Повелбата да биде преточена во закон за доктори односно закон за правата на лекарите.  

Претседателот на Лекарската комора на Македонија, Кочо Чакаларовски рече дека нивниот став е дека никакво насилство не смее да се толерира, а најмалку насилство врз здравствени работници, односно врз оние кои укажуваат медицинска помош и се обидуваат да спасат човечки живот.

– Лекарската фела подолг период како еден од своите приоритети го има и донесувањето на законот за доктори со кој ќе се направи кодификација и детализирање на одредени сегменти кои ќе ја канализираат здравствената и лекарската дејност како дејност од јавен интерес со посебен акцент на правата и обврските на докторите, додаде Чакаларовски.

Би можело да ве интересира

Притворените за убиството на лекарот ќе бидат пуштени – нема докази дека се извршители на делото

Анита Петровска Рајковиќ

Притвор за двајцата приведени за убиството на лекарот во Железара

Анита Петровска Рајковиќ

Убиениот лекар бил матичен од Железара – се прегледува видеонадзорот за да се најде убиецот

Анита Петровска Рајковиќ

Aмерикански воен лекар се соочува со 50 точки од обвинение за недолично однесување, му се заканува голема казна затвор

Нападнат лекар во Радовиш, настанот го осуди и Лекарската комора

Лекар и адвокат од Тетово уапсени поради незаконско работење и осигурителна измама