Лекарот Дарко Василевски по шест дена го прекина штрајкот пред Деканатот на Медицинскиот факултет. Во објава на Фејсбук тој напиша дека заминува „со крената глава“, бидејќи, како што наведе, укажал на неправдата со која се соочуваат медицинските работници кои немаат поддршка или влијателни врски.
По краткиот разговор со деканот на Медицинскиот факултет, тој оцени дека имал преголеми очекувања од институциите.
„За скоро една недела, скоро никој не се одважи да ме праша како сум, да побара решение или да ми понуди конкретен разговор“, напиша Василевски.
Тој се осврна и на реакциите од дел од колегите лекари, тврдејќи дека бил претставуван како неработник и дека негови лични податоци биле јавно објавувани во обид да биде дискредитиран.
Василевски порача дека не жали што го кренал гласот и се обидел да се избори за себе, додавајќи дека неговата цел била да укаже дека на секој треба да му се даде фер шанса, без оглед на возраста и без користење лични врски.
„Си одам со благо нарушено здравје, ама горд на себе што издржав и не каснав ни залак, што не потклекнав под притисокот, што барем јавноста се сплоти околу мене“, напиша тој.
Тој најави дека и понатаму ќе продолжи да работи во медицината, да се едуцира и да го усовршува своето знаење и искуство.
„Фер и транспарентната постапка ќе биде предмет на проверка пред надлежните инспекциски и судски органи“, порача Василевски.
„Фала ви на сите за поддршката, а јас и понатаму ќе одам против ветерници, не знам како поинаку“, напиша лекарот.
