Населбите во непосредна близина и наколните живеалишта на самото Охридско Езеро се нераскинлив дел од процесот на развој на земјоделството во Европа. Луѓето кои живееле на тој простор се занимавале со фармерство и одгледувале житни култури уште пред осум илјади години, така што овој дел од Балканот претставува колевка на современото одгледување растенија за прехрана, односно оттука се бележат почетоците на развојот на земјоделството на европскиот континент.
Тоа го покажуваат резултатите од истражувањето што изминатите години беше спроведено на неколку локации на остатоците од праисториските населби на Охридското Езеро, преку проектот финансиран од Владата на Швајцарија спроведен во соработка со Универзитетот во Берн.
Професорот Алберт Хафнер од Универзитетот во Берн денеска презентираше дел од резултатите од истражувњата, појаснувајќи дека земјоделството како алтернативен начин за обезбедување храна за луѓето, покрај дотогашните активности како ловот и едноставното собирање продукти, датира некаде од десет до дванаесет илјади години со траги од први засади на Блискиот Исток. Потрагата по поповолни локации, според истражувањата, најверојатно довела до експанзијата на фармерството кон север, односно преку Анадолија кон северното крајбрежје на Егејското Море и оттука кон централна Европа.
-На Охридското Езеро има населби од бронзеното време, а дендрохронолошките испитувања на примероци од колци, остатоци од населбите во езерото покажаа дека нивната старост се движи од периодот меѓу 1.400 и 4.500 години пред новата ера, што е доказ дека тука организирано во населби се живеело и пред бронзеното време. Истовремено на локацијата кај Заливот на коските кај Градиште се пронајдени најмалку 12 различни живеалишта, што е потврда дека луѓето тука нашле погодно место за живеење, уште повеќе, погодна почва за одледување растителни култури, рече професорот Хафнер.
Тој појасни дека токму во овој дел на Европа, земјоделството го бележи процесот на адаптација на житните култури од оние видови карактеристични за суви и топли краишта како Анадолија и Блискиот Исток кон култури карактеристични за земјоделство во поумерена клима и повлажна почва.
Експерти од Бернскиот универзитет вршат споредбена анализа на примероци од седиментни наслаги под дното на езерото, за утврдување на еволутивните промени на вегетацијата на локацијата кај Заливот на коските, односно како тогашните жители со нивните земјоделски активности влијаеле врз промената на пејзажот. Истовремено на Универзитетот во Оксфорд ги испитуваат органските слоеви во почвата, остатоците од растенијата што биле одгледувани тука, па на тој начин преку споредба на истражувањата ќе се дознае точно кои култури ги негувале луѓето тука и која била нивната хранлива вредност.
-Оттука од овој регион може да се следи процесот на миграција на фармерството во две насоки и тоа северно кон Дунав и регионот на Алпите, и западно кон областите на јужна Италија, островите на западен Медитеран и областите на сливот на Рона во Средоземното Море. Истражувањата покажуваат дека фармерството и земјоделството во централниот дел на Европа влече корени оттука, од периодот од пред 7.500 години, истакна професор Хафнер.
Гоце Наумов од Центарот за истражување на праисторијата при Музејот на Македонија што е дел од проектот, изрази задоволство од спроведените истражувања истакнувајќи дека голем дел од резултатите од испитувањата дополнително ќе се објавуваат.
-Тековната работа на терен ни покажа нешто сосема ново, нешто што и ние не го очекувавме, податоци што ја поместија хронологијата на локалитетот. Дознавме нови работи за материјалната култура, особено разбирањата за предисториските луѓе, начинот на кој живееле луѓето во овие наколни живеалишта, а беа долго време непознати за нас. Преку ваков голем проект афирмираме нови методи во архелологијата, како што е дендрохронологијата, археоботаниката, други биолошки науки, методи што секако ќе придонесат за осознавање за начинот на кој живееле луѓето тука, но и за средината во која опстојувале, рече Наумов нагласувајќи дека истражувањата ќе продолжат уште неколку години, така што дефинитивно следните години ќе бидат објавени уште попрецизни резултати.
Научници од Универзитетот од Берн, заедно со нивни колеги од Македонија, Грција, Германија, Украина, Бугарија, Швајцарија учествуваа во истражувањата спроведени изминатите две години на локацијата Миќов град односно во Заливот на коските на Охридското Езеро.
Престои детално испитување на староста на повеќе од 800 примероци материјал собран во рамки на проектот, по пат на дендрохронолошки анализи и испитувања со радиоактивен јаглерод. Потоа се очекува преку сличен проект предвиден за 2021 година да продолжат археолошките истражувања на остатоците од населби на Охридското Езеро, проширени на повеќе локации како Заливот на прчот, Заливот на бомбите, Бучила, локалитетот Врбник кај Струга.
Амбасадорката на Швајцарија во Скопје Сутер Техада, изрази задоволство што резултатите од истражувањата поддржани во швајцарската Влада придонесуваат кон уште поголема промоција на Охрид, како место не само што инспирира со својата убавина туку и како локација со исклучителна важност и особеност во светската историја.
Директорот на охридскиот Завод и Музеј, Даниела Неделјковиќ, најави дека институцијата во секој апсект ќе го поддржи проектот, изразувајќи уверување дека неговите комплексни истражувања ќе продонесат за нови научни сознанија од областа на археологијата, со исклучителна важност како за локалитетот така и за градот Охрид.
Градоначалникот Константин Георгиески во име на граѓаните на Охрид укажа на важноста од поддршка на сите проекти што придонесуваат за промоција на градот како ризница на историја, култура.
-Ние треба да се насочиме кон активности, истражувања што го потврдуваат богатството што како град и нација го поседуваме. Сите резултати од истражувањата како ова ќе биде дел од нашата презентација на саемите за туризам, како нешто ново со што можеме да се пофалиме, рече Георгиески.
Експертите уверени дека преку интензивирање на соработката, со проширување на испитувањата преку ангажман на повеќе научни и истражувачки институции, сите собрани материјали од терен и спроведените истражувања значајно ќе придонесат во насока на афирмирање на предисториското културно наследство, од особена важност не само за нашата земја, туку и за светската историја како материјални докази што ќе бидат внесени во документацијата на УНЕСКО.