Обвинителството досега не добило пријава за закани од поротничката Лилјана Ивановска-Кочковска, потврдуваат оттаму за „А1он“. Засега нема информација дали јавен обвинител по службена должност ќе отвори случај за да ги гони заканувачите на Ивановска-Кочковска. Кривичниот суд посочи дека поротничката, која е дел од судечкиот совет за случајот ТНТ, се пожалила кај претседателот Иван Џолев дека примала закани за да се откаже од постапување во конректниот предмет.
„До овој момент не е поднесена кривична пријава од наведеното лице“, велат од Обвинителството.
Судот посочи дека поротничката ќе продолжи да постапува кога Џолев на состаник ѝ укажал дека тие ќе направат сè за да го заштитат интегритетот и угледот, а доколку е потребно, таа ќе добие и обезбедување. Тие посочија дека дописите на адвокатот Јовица Страшевски, кој го застапува ексградоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, во ТНТ, само ги потврдува заканите и притисоците што се прават врз поротничката.
Адвокатот во случајот ТНТ, Јовица Страшевски, за „А1он“ рече дека во неговите дописи до медиумите нема закани кон никого, најмалку кон поротничката Лилјана Ивановска-Кочковска.