Поранешниот директоро на АНБ, Виктор Димовски, тврди дека Мицкоски не бил следен и прислушуван во негово време

Од:

Поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Виктор Димовски утрово излезе со одговор на својот Фејсбук-профил за наводите за злоупотреби во Агенцијата што биле правени во периодот додека тој раководел со службата, а се однесуваат на следење и прислушување на тогашниот лидер на опозицијата, а сега актуелен премиер Христијан Мицкоски, како и на бизнисмени и новинари.

Во објавата, Димовски без да наведува имиња, вели дека во периодот додека тој бил на чело на АНБ, лидер на тогашна опозициска партија не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата, ниту, пак, брз него биле применувани било какви оперативно-технички мерки.

Димовски го повикува актуелниот директор на АНБ, Бојан Христовски да ги декласифицира документите за наводни злоупотреби, особено оние кои се однесуваат на Мицкоски.

– Во текот на вчерашниот ден од страна на премиерот и од актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност беа изнесени сериозни обвинувања за наводна злоупотреба на државни ресурси за прислушкување на поранешниот лидер на опозицијата (сега премиер), бизнисмени и новинари од страна на АНБ и Агенцијата за разузнавање. Со оглед на тоа што во претходен брифинг за медиуми во АНБ бил споменат периодот од 2019 до 2024 година во дел од кој и јас ја извршував должноста директор на АНБ, одговорно тврдам дека тој како лидер на тогашна опозициона партија во периодот од 2019 -2022 година не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата, не бил предмет на организирана оперативна работа, а со тоа ниту таргет кон кого биле применувани било какви оперативно-технички мерки, наведува Димовски.

Вели дека е точно оти „во наведениот период согласно законските надлежности во Агенцијата имаше постапка за преиспитување на проверките за безбедносни сертификати, вклучително и за еден тогашен и сегашен пратеник поради оддавање на класифицирана информација, а за што му беше поднесена соодветна кривична пријава до надлежното обвинителство“.

Во врска со тоа, како што посолува, на негово барање, на дневен ред на надлежната собраниска Комисија за надзор на работата на АР и АНБ беше ставена точката за информирање за случајот и изнесените наводи во електронските медиуми.

– Со оглед на сериозноста на изнесените наводи на синоќешниот прес и на претходниот брифинг во АНБ го повикувам директорот на Агенцијата веднаш и неодложно да ги декласифицира документите за наводни злоупотреби, а особено тие кои се однесуваат на прислушкување на тогашниот лидер на опозицијата. Македонската јавност има право да знае кој тоа предлагал, барал, одобрувал и кој ги извршувал наводните прислушкувања! Очекувам дека овојпат нема да има криење со изговори од типот “класифицирани информации со степен на државна тајна”, посебно после последните неколку објави во некои “информирани медиуми” кои лифериваат конкретни имиња на лица кои наводно биле таргет на Агенцијата, вклучително и податоци за идентитетот на вработени и тајни соработници, наведува поранешниот директор на АНБ Виктор Димовски.

Димовски беше првиот директор на АНБ, која беше основана по реформите на безбедносниот систем на државата. Тој со Агенцијата раководеше од нејзиното основање во 2019 до 2022 година, кога на негово место дојде Зарко Милошевски.

Наводите, на кои Димовски денеска одговара во објавата на Фејсбук, дојдоа откако во петокот беше објавено дека Агенцијата за национална безбедност доставила три известувања до Јавното обивнителство за еден поранешен директор и група вработени во АНБ поради индиции за незаконско, непрофесионално и неетичко постапување.

Нив вчера вечер, одговарајќи на новинартски прашања на одбележувањето на годишнината од основањето на АНБ ги потврдија премиерот Христијан Мицкоски и актуелниот директор на Агенцијата, Бојан Христовски. И Мицкоски и Христовски не посочија детали бидејќи, како што рекоа, станува збор за документи кои се класифицирани како државна тајна, но и двајцата изразија очекување дека случајот ќе добие правна разрешница, а одговорните ќе бидат казнети.

Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), до кое АНБ ги доставило известувањата, вчера во одговор на новинарски прашања излегоа со став дека во моментов се води предистражна постапка и поради нејзината тајност не можат да споделат повеќе детали.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Прислушувањето на АНБ не е удар врз мене и новинарите, туку врз демократијата

(ВИДЕО) Филипче за случајот АНБ: Наместо лов на вештерки, темелна истрага и декласификација

Консолидирана е работата на АНБ, вели нејзиниот директор Бојан Христовски

Филипче: Потребен е државнички пристап за евроинтеграциите, Мицкоски одбива секаков предлог

Мицкоски: СДСМ и ДУИ го потценуваат народот и играат на картата на кратка меморија

А1он

ВИДЕО: Застојот во борбата со корупцијата е поради Обвинителството, вели Мицкоски

Катерина Ѓуровски