Министерот за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски денеска оствари средба со францускиот амбасадор во Република Македонија, неговата екселенција Кристијан Тимоние, на која се разговараше за повеќе актуелни прашања.
Министерот Поповски го запозна францускиот амбасадор со деталите на најновата одлука на Владата со која Министерството за финансии има обврска да подготви Предлог-одлука за обезбедување на 80 милиони денари од тековната буџетска резерва. Средствата ќе бидат ставени на располагање за спроведување кампања за референдум, врз основа на одобрен план, на Собранието на Република Македонија, како овластен предлагач на истиот, а донесена е и одлуката дека доколку на крајот на кампањата има непотрошени средства, тие ќе бидат вратени во Буџетот на Република Македонија.
Двајцата соговорници се согласија дека процесот на планираната комуникација од јавен интерес, информирањето за референдумот, треба да биде базирано на принципите на објективност, транспарентност и рационалност.
„Граѓаните на Република Македонија треба да знаат дека Европската Унија е наш демократски партнер и нашата иднина“, истакна министерот Поповски. Тој подвлече дека договорите со Бугарија и Грција се пример за унапредување на односите на соработка и пријателство меѓу соседите во регионот и дека со тоа се испраќа порака до Европската Унија и до НАТО дека земјите во регионот имаат раководства кои се однесуваат европски, а нивните земји заслужуваат европска перспектива.
Амбасадорот Тимоние ја поздрави транспарентноста и отчетноста на Владата, оценувајќи дека работата на министерот Поповски дава значајни резултати во демократските промени во Република Македонија, особено во областа на слободата на медиумите. Тој со министерот Поповски разговараше и за измените на Изборниот законик, при што двајцата соговорници, заеднички заклучија дека треба да се земат предвид укажувањата на новинарските здруженија и медиумите, поврзани со дел од одредбите од Законикот кој се однесуваат на онлајн медиумите, порталите.
Министерот Поповски упати повик до опозицијата за одблокирање на процесот на донесување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги повторувајќи дека измените се во насока на создавање услови за независно и професионално работење на МРТВ, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на сите медиуми во Македонија, што е во насока на заложбата на
Владата на Република Македонија да работи транспарентно и отчетно.
„Македонија оди во правилна насока и земјата ја има поддршката на Франција во интеграциските процеси, кои отвораат перспектива за економски и севкупен развој“, му порача францускиот амбасадор Кристијан Тимоние на министерот Поповски.