Последната рунда преговори со Метју Нимиц покажа дека Грција излегува со радикални позиции за името со цел кога ќе има за милиметар поблаг став, тоа да биде сфатено во јавноста како страшна отстапка, тврди во интервју за порталот Телеграф.мк шефот на дипломатијата Никола Поповски.
Поповски вели дека иако според најавите неговиот грчки колега Венизелос, кој што ќе ја предводи грчката делегација на собранието на ОН во Њујорк, средба со македонската делегација не планира, тој ќе го покани Венизелос, да се видат и да разговараат за спорот околу името.
Поповски тврди дека Македонија мора на претстојниот состанок во Њујорк да ја нагласи потребата од деблокада на македонските евроинтеграции.
Грција најсреќна би била доколку ништо не се случи и сè остане вака како што е сега. Има можност тоа да го прави, бидејќи е членка на НАТО и ЕУ. Од наша страна, гледаме колку што е можно повеќе да дадеме поттик и да отвориме можности за комуникација. Фактот што нè блокираат врз основа на спорот, а не сакаат да се реши, не е најдобра опција за сите нас.
Грција треба да биде вклучена во комуникацијата за да се реши спорот. Веројатно сите што отстрана го набљудуваат процесот гледаат дека Грција или одбегнува дијалог или кога има дијалог повеќе се обидува да создаде перцепција дека нешто се случува.
Очигледно Самарас се држи до најрадикалните позиции и со тоа не остава можност за придвижување на процесот. Тоа не значи дека ние ќе бидеме обесхрабрени и нема да дозволиме ништо да не се случи, вели Поповски во интервјуто.