Попоски: Очекуваме Филе да потврди дека Македонија има повисоко ниво на подготвеност за членство во ЕУ

Од:

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, денеска во рамки на неговата еднодневна посета на Стразбур се сретна со повеќе европарламентарци и претставници на Европската унија, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

На неполн час пред комесарот за проширување Штефан Филе да го претставни Специјалниот извештај за Македонија, министерот Попоски во изјава за МИА ќе рече:

– Во очекување на објавувањето на извештајот на ЕК главниот фокус на моите средби во Стразбур беше за тоа колку е подготвена Република Македонија да ги отпочне преговорите со ЕУ. Следува работна вечера заедно со комесарот Филе и министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан. Еден од клучните аспекти е што очекуваме повторно да биде потврден фактот дека Република Македонија остварува повисоко ниво на подготвеност, како по однос на реформите кои ги остваруваме во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), така и во однос на засилувањето на добрососедските односи кон директните и индиректните соседи од нашиот регион, истакна Попоски.

Според шефот на македонската дипломатија, клучни прашања кои биле поставени од страна на припадниците на сите политички групации во ЕП со кои тој се сретна денеска се однесувале на можноста Македонија да не наиде на веќе стандардното вето што доминираше во минатото од страна на јужниот сосед.

– Се надевам дека за нас клучен е напредокот што го остваруваме во однос на одредниците по кои не оценува ЕК, а на секоја земја-членка останува да го почитува воспоставениот принцип да игра конструктивна улога, да не се тренира на поставување блокади, вели Попоски.

Тој додаде дека постои клима во Европскиот парламент што е доминирана од тековната финансиска и економска криза, но дека не смее да се застане кај она клучно досие што е досие на просперитет и стабилност што не може да се замисли во европски рамки без интеграција на земјите од Западен Балкан.

– Ги разменивме мислењата со Филе, но заклучоците од извештајот ќе ги коментираме по прес-конференцијата на која тој ќе го претстави извештајот. За нас е најзначајно да биде нотирано дека Македонија е подготвена за почеток на преговорите и превзема мерки за надминување на сите разлики што беа искористени, како преттекст за блокирање на почетокот на преговорите. Сето ова ќе го пренесам и пред Паневропската унија вечерва на состанокот, оти и нивен интерес е да продолжи процесот на проширување, Република Македонија еден подолг временски период тоа го има заслужено. Се надеваме дека овојпат тие кои сакаат да го попречат тој процес нема да го имаат последниот збор пред оние кои навистина сакаат да ја видат Европа обединета, одговара министерот за надворешни работи на Република Македонија на прашањето да открие детали од извештајот на Комисијата за нашата земја.

По состанокот со Паневропската унија вечерва, министерот Попоски заминува за Брисел каде утре има закажано средби со претставници на ЕУ во однос на македонската евроинтеграција.

Би можело да ве интересира

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп

Вучиќ: ЕУ треба да ја промени стратегијата кон Западен Балкан, но и кон Србија

Рама: Извештајот за напредокот на Албанија за 2024 година најпозитивен до сега

А1он

Русија: ЕУ свесно прави економски криминал на глобално ниво

Референдум во Молдавија: Над 50 отсто од граѓаните рекле не за влез во ЕУ

А1он

Мицкоски е оптимист за македонската евроинтеграција по самитот на Берлинскиот процес