Активностите на Советот на Европа во обезбедување долгорочна ефикасност на Европската конвенција за човекови права, политиката кон соседните региони и соработката со Европската Унија беа во фокусот на 123-та министерска сесија на Комитетот на министри на Советот на Европа во Стразбур на која учествува и министерот за надворешни работи Никола Попоски.
Како што соопшти МНР, во своето обраќање пред форумот, министерот Попоски се осврна на реформите и идното делување на Советот на Европа. Во тој контекст ја истакна потребата од прилагодување на активностите на Организацијата во насока на изнаоѓање одговор на бројните предизвици со кои се соочуваат граѓаните во Европа, кои произлегуваат од растечката економска криза, недовербата во институциите и растот на екстремизмот.
Министерот Попоски, како што се наведува, изрази целосна поддршка на настојувањата на генералниот секретар Јагланд за зголемување на ефикасноста на механизмите за мониторинг, со цел зајакнување на влијанието на активностите на СЕ.
Шефот на македонската дипломатија оствари и средба со комесарот за човекови права на Советот на Европа Нилс Муижниекс, при што стана збор за состојбата на човековите права во регионот, проблемите со миграцијата, како и заложбите на нашата земја во исполнување на препораките дадени во извештајот на комесарот по неговата минатогодишна посета на Република Македонија.
– Беше истакнато дека Република Македонија има направено значаен напредок во подобрувањето на условите за заштита на индивидуалните и колективните човекови права и слободи, стои во соопштението.
За време на министерската сесија Попоски оствари одделни средби и со Лусинда Крејтон, министер за европски прашања на Ирска – актуелен претседавач со ЕУ, со министрите за надворешни работи на Кралството Холандија, Франс Тимерманс и Големото Војводство Луксембург Жан Аселборн, како и со министерката за европски прашања на Кралството Шведска, Бригита Олсон.
На средбите стана збор за очекувањата на Република Македонија за определување датум за почеток на преговори на претстојниот Самит на ЕУ во јуни 2013 година. Министерот Попоски при тоа ги повтори македонските заложби за целосно исполнување на реформите од европската агенда, како и за унапредување на билатералната соработка и добрососедските односи, се наведува во соопштението од МНР.