Техничкиот министер за надворешни работи Никола Попоски учествуваше на Форумот „Еден појас, еден пат”, што се одржува во Пекинг, Народна Република Кина, соопшти МНР.
На Форумот, на кој учествуваат голем број шефови на држави и влади, се разговарало за перспективите и за идните активности во рамките на овој кинески мега-проект за инфраструктурно и економско поврзување на Азија, Европа, Африка и Блискиот Исток.
– Во рамките на Форумот, министерот Попоски имаше обраќање на панел-дискусијата насловена “Поврзаност на развојни политики и стратегии”. Попоски истакна дека оваа иницијатива е одлично средство за промоција на транснационалната поврзаност, унапредување на трговската и инвестициската соработка, која, преку развојот, овозможува зајакнување на безбедноста, се вели во соопштението од МНР.
Тој нагласил дека Република Македонија која се наоѓа долж трасата на стариот „Пат на свилата” и е една од првите членки на Процесот 16+1, меѓу НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа, ги препознава можностите и придобивките од оваа Иницијатива и ја гледа како мост за поврзување на трите континенти.
Министерот за надворешни работи Попоски се осврнал и на исклучително добрата соработка со НР Кина.
– Успешната реализација на досегашните проекти е најдобра гаранција и мотивација за продолжување на соработката. Во овој контекст, успешните приказни не само што треба да продолжат, туку треба да се унапредат на секој можен начин, истакнал Попоски.
На маргините на Форумот, шефот на македонската дипломатија остварил повеќе средби со свои колеги.