Елисејскиот договор помеѓу Германија и Франција понуди еден уникатен модел на помирување и претставува бесценето наследство за многу генерации и 50 години подоцна. Чинот на потпишувањето го зацврсти мирот во срцето на Европа, ги формираше клучните ѕидови на стабилност и просперитет на тогашниот се уште млад заеднички пазар, кој подоцна созреа во денешната ЕУ.
Ова го изјави министерот за надворешни работи Никола Попоски во обраќањето на денешната дебата во НУБ „Св. Климент Охридски“ насловена „Француско-германско помирување:пример за денес“.
Според него, прославувањето на 50-годишнината од потпишувањето на овој мировен договор и примерот на германско-француското пријателство покажува дека надминувањето на предрасудите е можно и дека дијалогот и меѓусебното почитување на историјата, традициите, културата на другиот претставуваат плоден развој за сите. Оцени дека Елисејскиот договор има и голема историска важност во однос на процесите на помирување во Европа воопшто, како и во градењето поголема доверба помеѓу земјите во контекст на ЕУ и на процесот на проширување.
– Земјите од Западен Балкан по период на конфликти во 90-те години на свој начин го следеа овој пример на помирување и мислам дека успеаја да ги избришат историските разлики кои постоеја во регионот, а кои беа потенцијал за конфликтни ситуации. Тоа го постигнавме благодарение на заедничките визии за стратешките цели, а тоа е дека сите иднината ја гледаме во ЕУ, посочи Попоски.
Македонија, додаде, во тој контекст настојува да биде иницијатор на бројни иницијативи и активности кои во својата основа ја имаат регионалната соработка, а со цел успешно интегрирање во Унијата.
На отворањето на дебатата амбасадорката на Германија Гудрун Штајнакер рече дека 50 години по Елисејскиот договор денес е тешко да се препознае колку смелост и напор биле потребни за тоа. Еден резултат од овој процес е, вели, и соочувањето во двете земји со историјата на другиот, а чесната конфронтација со сопствената историја и туѓата историја е дел од помирувањето и разбирањето.
– Манипулацијата на историјата е најстарата форма на злоупотреба на моќта. Оној што погрешно ја интерпретира и го претставува минатото погрешно ги има на располаѓање сегашноста и иднината. Јас ќе се радувам ако германските и француските историчари ги делат своите искуства во анализирањето на историјата во дијалог со македонските историчари, бидејќи сите три страни ќе профитираат од тоа, рече амбасадорката Штајнакер.
Новата амбасадорка на Франција Лоронс Оер посочи дека на овој јубилеј Париз и Берлин сакаат да потсетат дека придаваат огромно значење на овие односи, а основната порака која ја испраќаат е дека француско-германското пријателство треба да биде отворено, но и отворено кон другите.