Попоски: Бугарија секогаш ја поддржувала Македонија во клучни моменти

Од:

„Тоа што го видов како доминантна линија во пораката што беше упатена од страна на Софија е дека ги пресретнуваат оние иницијативи што ги поднесовме од аспект на формирање работни групи, директно справување со одредени прашања кои можеби не обременувале во минатото“, изјави денеска министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски во врска со писмото што до него го упати шефот на бугарската дипломатија Николај Младенов.

Попоски вели дека од досегашната комуникација што ја има остварено нема чувство дека постои некаква потреба за промена на курсот на Република Бугарија во поглед на поддршката за европските и евроатланските процеси на Република Македомија.

– Сметам дека клучна линија во искажувањето на оваа точка беше дека во неколку наврати се повторува фактот оти Бугарија секогаш ја поддржувала Македонија во клучни моменти и тоа било факт и во оние најкритични моменти во осамостојувањето и признавање на нашето уставмо име, рече Попоски.

Бугарскиот предлог, како што додаде шефот на дипломатијата, е да го подигнеме нивото на посветеност и на комуникација, не само на технички работни групи туку и на владино ниво.

– Не сметам дека нешто од тоа може да биде штетно, сосема спротивно таков еден пристап може да ни понуди и дополнителни можности за потврдување од една и од друга страна за тоа колку сме посветени на европските интеграции, вели Попоски.

Првиот услов што во писмото до Попоски го предлага Младенов за Софија да ја поддржи евроинтеграцијата на Македонија е да се потпише спогодба за добрососедски односи и соработка, која ќе биде според највисоките европски стандарди и ќе се базира на Декларација што во 1999 година ја склучија двете земји. Вториот чекор би бил изградба на неопходна инфраструктура за засилена соработка, како и создавање заеднички работни групи за подобрување на односите во клучните области. Како трето се предлага формирање на совет на високо ниво во форма на годишни меѓувладини средби.

– Тоа што сметам дека е исклучително важно е увидувањето на соседна Бугарија и колегата Младенов дека идеите што ги изнесовме во писмото што го упативме на 31 октомври, се одлична база за градење на добрососедски односи во еден европски дух. Сметаме дека тоа е исклучително значајно од аспект на политичките водство во двете земји и визијата за корисносноста од градење на една таква основа која се базира на конкретни проекти било да се работи за инфраструктура било да се работи за култура, образование, економија итн, рече Попоски.

Вториот аспект кој исто така е значаен, според него, е потребата која ја има потенцирано Младенов дека би сакал оваа посветеност и визија која ја делиме да биде потврдена и со издигање на ниво на работни групи кои ние ги предложивме не само на техничко и практично ниво туку и на ниво на министерства и влади, што исто така е добар сигнал за посветеноста што можеме да ја покажеме.

– Третиот апсект е тоа што чуствуваат потреба дека можеби е потребно да се потврдат оние претходно превземени обврски од аспект на правна рамка или билатерални односи, вклучително и онаа спогодба што ја имаме потпишано минатата година во врска со соработката во европските интеграции. Сметам дека двете земји, а и регионот имаат многу што да искористат од еден таков пристап и дека ако се задржиме до таквиот пристап и ако работиме во тој дух, сигурен сум дека може да поставиме и една добра основа за соработката која може да ја градат и други земји во нашиот регион во поглед на европските интеграции, истакна македонскиот министер за надворешни работи Попоски.

По враќањето од Брисел, тој попладнево одржа предавање пред македонските студенти од дијаспората.

Би можело да ве интересира

Османи: Никогаш не сме биле поблиску до Трета светска војна

Орце Костов

МНР формираше кризен штаб: Македонските државјани може да заминат од Израел само преку аеродромот во Тел Авив

Орце Костов

МНР апелира да се избегнуваат патувања во Израел и регионот

ВИДЕО: Бугарија повторно има преодна влада, на избори оди на 9 јуни

Романија и Бугарија делумно влегоа во Шенген зоната

Нов земјотрес ја стресе Бугарија