Членството во ЕУ и НАТО се стратешки цели на Македонија, а спорот за името е пречка на тој пат, и затоа Македонија води разговори за името, рече министерот за надворешни работи Никола Попоски во обраќањето пред учесниците на Четвртата Глобална конференција на ОМД осврнувајќи се на македонската надворешна политика од осамостојувањето до денес.
– Бараме решение со нашиот јужен сосед затоа што сакаме да бидеме дел од ЕУ и НАТО. Покрај, тоа што во учебникот пишува дека тоа е базирано на меѓународно право има едно друго, многу посилно право, а тоа е кога сте внатре во клубот можете да имате однесување кое не ви е дозволено кога сте надвор од клубот. Парадоксот е тоа што ние имаме кристално чисто досие и ги исполнуваме сите критериуми во однос на нашиот јужен сосед, но повторно го немаме консензусот во Советот, односно Грција сепак обезбедува да нема едногласна согласност за да добиеме почеток на преговори и е нешто што е толерирано, вели Попоски .
Според него, причина повеќе да бидеме дел од тие семејства и да бидеме дел од тие што ги носат одлуките е обајснувањето кое важи во политката, а тоа е „ако не сте на масата, тогаш сте на менито“, односно „некој друг ви ја крои капата“.
– Токму затоа треба да го задржиме најсилниот наш аргумент дека сме во право, ги исполнуваме критериумите, а тоа не го велиме ние затоа што така ни одговора, туку го вели најрелевантниот орган на ОН во делот на меѓународното право, Меѓународниот суд на правдата со пресудата од декември 2011, каде јасно кажува кој е, а кој не е во право, кој го прекршил договорот, кој не и што може да се очекува од нас и од нив. Тоа колку треба да го почитувате или не повторно зависи дали сте внатре или не. Значи имате еднакви и поеднакви, појаснува шефот на дипломатијата.
Запрашан за името, Попоски појасни дека во делот на меѓуанродната употреба Македонија има потпишано Времена спогодба од 1995 година со која дозволуваме на ОН да ја користи референцата ПЈРМ. Заложбите на Владата се, додава, за афирмирање на уставното име, а тоа го прави преку бројните потпишани меѓународни договори и со воспоставените дипломатски односи под уставното име.