Половина година не може да почне судењето за Груевски и Божиновски за белата палата

Од:

Кривичниот суд во Скопје повторно ја одложи седницата за оценка на обвинителниот акт за случајот на СЈО „Талир 2“ за незаконската градба на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ, попознат како белата палата. Од судот за „А1 он“ кратко одговорија дека оценка на обвинението се` уште нема. Седницата која што требаше да се одржи минатата недела била одложена.

Извори за „А1 он“ потврдуваат дека следниот обид на судот за оценката на ова обвинение е кон средината на месец јуни. Тоа значи дека точно половина година, скопска единица не го оценила ова обвинение.

Последното рочиште за оценка било одложено по барање на странките. Од СЈО за „А1 он“ посочија дека тие никогаш не барале одлагање на рочиштата за оценка на обвинението, туку дека еднаш оценката била одложена на барање на судот и двапати на одбраната.

Истрагата за овој предмет беше отворена во рокот од 18 месеци што го имаше СЈО, но обвинението е поднесено по истекување на рокот, поточно на 22 ноември 2018 година. Првото обвинение за „Талир“ беше оценето на 11 јануари. Судењето сe` уште не започнало и постојано се одлага поради отсуство на обвинети и адвокати.

За споредба, обвинението за крвавиот четврток со 33 обвинети беше поднесено на 27 април, а првото судско рочиште се одржа на 22 август.

Ова одолжување на оценувањето на обвинението може да се должи, меѓу другото и поради начелното правно мислење на Врховниот суд, според кое, СЈО е неовластен тужител во предметите „Талир“ и „Талир 2“ бидејќи обвинeнието е поднесено по рокот определен со Законот за СЈО.

Обвинението за изградбата на партиското седиште се однесува на начинот на којшто ВМРО-ДПМНЕ дошла до имот вреден 8,2 милиони евра, а е поднесено против бегалецот Никола Груевски и ексгенералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски.

СЈО тврди дека „Бетон“ не смеела да влезе во партнерство со ВМРО-ДПМНЕ за изградба на белата палата бидејќи во 2011 и во 2012 година, кога почнал да се гради објектот, градежната компанија, дури 75 отсто од приходите ги добила од државни тендери.

Би можело да ве интересира

Петрушевски: Филипче и партнерите од СДС треба да одговараат кривично за саботажа на банкарскиот систем во државата

ВМРО-ДПМНЕ: Младите брачни парови и самохрани родители до 40 години ќе се ослободат од комуналии за да се реши станбеното прашање

ВМРО-ДПМНЕ: Богданци заслужува повеќе, после три мандати на Шапов, општината се соочува со сериозни предизвици

Мицкоски од Брвеница: На Македонија и требаат нови успеси, резултати и проекти, а не поделби, затоа во недела ве повикувам да го заокружите бројот 1

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче бара утеха во пласманот од четврто место во Брвеница додека СДС ја направи партија која слави порази

ВМРО-ДПМНЕ: Дали Филипче и Заев се пазареле со бугарските власти за случајот со Ива Михаилова за да му се оддолжат на Радев?

Горан Наумовски