Директорот на Центарот за јавно здравје – Скопје, Бесим Зекири, смета дека полицискиот час, кој почнува од 22 до 5 часот не е доволна мерка за да се спречи преносот на коронавирусот. Тој вели дека полицискиот час можеби ќе треба да почнува и порано. Епидемиолозите, пак, и натаму имаат проблем со лоцирање на заразените лица и воспоставување контакт со нив за да направат епидемиолошка анкета. Не само лажни, во системот се случува да се внесат и непостојни броеви за контакт на пациентите кои се заразени или биле во контакт со заразено лице. На овој начин се прави застој и им се одзема време на лицата што анкетираат додека да пронајдат контакт од лицето.
„Во Центарот за јавно здравје интензивно се работи на анкетирање заболени лица. Успеваме да ги анкетираме сите со оглед на зголемениот број анкетари. Ние немаме можност да кажеме каде најчесто се заразуваат лицата бидејќи скопските позитивни случаи се распределуваат и во другите центри кај други анкетари. Во однос на лицата што треба да се анкетираат – не само лажни, се случува да има и непостојкни броеви. Тоа е поради неажурираниот систем од страна на пациентите, кои се случува и да не остават телефонски број при тестирањето. Во таков случај вртиме кај матичните лекари за точен број на пациентот кој е позитивен“, посочи Зекири за „А1он“.
Тој немаше одговор на прашањето зошто и натаму не се продолжи со јавно објавување во весници на лицата што не можеа да ги лоцираат, а беа потенцијални носители на вирусот или веќе беа заразени. Зекири вели дека таква одлука може да донесат повисоки инстанции.
„Има недостиг на персонал. Потребен е ангажман на повеќе лица од среден кадар за земање брисови, обучени и образовани лица што ќе анкетираат и примена на ротација на сите што учествуваат во процесот. Епидемиолозите работаат цела година без ротација, без престан“, додава Зекири.
Минатата недела Институтот за јавно здравје излезе со податок дека 23 отсто е зголемен бројот на заразени од коронавирус во однос на крајот на февруари. Повеќето од заразените се од Скопје. До тогаш биле пријавени 57 смртни случаи во 16 града.