Полиција со шест возила упадна во магацинот со донации од Заеви

Од:

Полиција упадна во магацини во кои волонтери од невладината организација „Сите заедно можеме“ пакуваа прехранбени продукти за дистрибуција до семејства од социјално ранливите категории во осум општини. Волонтерите, наместо дома, до 4 часот утринава останале во полициска станица, каде што даваа исказ. Во акцијата на полицијата била вклучена и дежурната јавна обвинителка Лидија Георгиева, кој наредила хуманитарната помош да не биде транспортирана додека не се достават документи за потекло на стоката. Претседателот на невладината организација, Александар Маркоски, појаснил дека испратниците и фактурите не ги чуваат во магацин и дека тие се кај донаторите на стоката, односно семејството Заеви, но не наидоа на разбирање од страна на инспекторите.

Адвокатот на невладината организација, Илин Тодоровски, за „А1он“ вели дека акцијата е спроведена како на филм додавајќи дека е нелогично во 11 часот навечер да бараш испратници и фактури за потекло на стоката, која е хуманитарна помош. Објаснувањето е дека се постапува по пријава за што Тодоровски се сомнева.

„Нам ни кажаа дека постапуваат по пријава, а акцијата беше за потекло на стоката и што има внатре во пакетите. Јас разговарав со волонтерите и со претседателот. Симптоматично е за обична пријава со шест возила да правиш опсада од две страни во 11 часот навечер и да бараш фактури и испратници. Сомнежот е дека не е само обична пријава. Целата стока е оставена среде улица, постои можност за нејзино оштетување бидејќи во пакетите има разни продукти, а станува збор за речиси 750 пакети. Камион со приколка е оставен среде улица и не дозволуваат да тргне. Велат дека добиле усна наредба, а писмена не била изготвена за да не поднесуваат барање до судија на претходна постапка бидејќи процедурата ќе трае 10 дена за да ја потпишат“, вели адвокатот Тодоровски.

Претседателот на невладината „Сите заедно можеме“, Александар Маркоски, вели дека во акцијата на полицијата гледа политичка заднина бидејќи стоката е донирана од семејството Заеви, а хуманитарната акција е стопирана бидејќи не им одговара на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и на министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев. Тој и натаму бара да се кажат мотивите за спречување на хуманитарната акција.

„Кога дојде полицијата, во магацинот бевме целосно забарикадирани, нè прашаа што работиме, ние објаснивме, по што тие ја стопираа работата. Ни побараа дозволи за движење, ги покажавме и ни ги одзедоа. Се консултираа и бараа разни документи. Неколкупати прашав што се случува, но не ми даваа конкретни одговори, немаа објаснување. Сметам дека има политичка заднина. Производите се донација од семејството Заеви. Како волонтери сме зачудени за потребата од упадот. Ни кажаа да одиме во станица, а јас им реков дека стоката може да се расипе ако остане надвор. Возилото за товарење остана среде улица и уште е таму. Бевме повикани во станица, а таму до 4 часот наутро ни поставуваа исти прашања, само извртени на 101 начин“, објаснува Маркоски.

Од МВР и Обвинителството до објавувањето на веста не добивме објаснување по чие барање и координација е спроведена акцијата, како и кои се сомневањата за упадот во магацинот во 11 часот вечерта. Оттаму досега нема одговор ниту зошто се барани испратници и фактури во доцните вечерни часови, а не почекале до изутрината.

Инаку, прехранбените пакети со храна од пратката што била пакувана биле наменети за граѓани од ранливи категории во општините Прилеп, Кавадарци, Неготино, Демир Капија, Гевгелија, Дојран, Радовиш и Конче.

Би можело да ве интересира

МВР: Се истепале вработени во здравствена установа во Скопје

Уште се чека за пасош со месеци, постапката забрзана ама само за оние што имаат да платат 100 евра

Струмичани ќе се возат во јапонски автобуси од 700.000 евра

Орце Костов

МВР: Скопјанка нападнала новинар, но и полициски службеник

Тошковски: Управниот суд донесе пресуди со кои поништи три незаконски одлуки на Владата

Орце Костов

Убиениот лекар бил матичен од Железара – се прегледува видеонадзорот за да се најде убиецот

Анита Петровска Рајковиќ