Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во Основен суд Скопје 1 поднесе обвинителен акт против осомничените во предметот „Пуч“, меѓу кои и против лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Во соопштението се наведува дека “тоа е сторено по спроведување сеопфатна истражна постапка, разгледување и анализа на прибраните докази и факти за овој предмет“.
Зоран Верушевски се терети за едно продолжено кривично дело “неовластено прислушкување и тонско снимање, Шпионажа и Насилство спрема претставници на највисоките државни органи.
Ѓорѓи Лазаревски е обвинет за едно продолжено кривично дело “Неовластено прислушкување и тонско снимање и Шпионажа.
Сопругата на Зоран Верушевски, Соња Верушевска за кривично дело Шпионажа, додека лидерот на СДСМ, Зоран Заев е обвинет за кривично дело Насилство спрема претставници на највисоките државни органи. Петтобвинет е Бранко Палифров за кривично дело Насилство спрема претставници на највисоките државни органи.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција до Основниот суд Скопје 1- Скопје поднесе и Предлог за продолжување на мерката притвор.
Основното Јавно Обвинителство, за организиран криминал и корупција го достави обвинителниот акт до Основниот суд Скопје 1 – Скопје, кој е распределен на совет за оценка.
Воедно кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, по предлог на Основното Јавно Обвинителство за организиран криминал и корупција, ја продолжи мерката притвор за четворицата обвинети.