Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Од:

Балканскиот регион е дел од хибридниот конфликт меѓу Западот и Руската Федерација. Потребно е да се подигне нивото на свесност за ширењето на руското влијание и интереси на Балканот кое е силно изразено и негативно за регионот, може да се истакне по еднодневната посета на рускиот претседател Владимир Путин на Белград.

По доаѓањето на „Белата мечка„ на Балканот се потврдија руските најважни интереси на Балканот, туку вклучително и Република Македонија. Сега имаме предизвици на релацијата Москва-Скопје и другите балкански центри.

Прво да го запре проширувањето на НАТО во регионот. Од земјите кои се вклопуваат во руската стратегија за неутралност на Балканот: Србија е воено неутрална, Црна Гора е НАТО членка, Македонија доби условна покана за членство на Самитот на НАТО на 12 јули, а БиХ е назад во пристапниот процес заради политичкиот став за воена неутралност на Република Српска.

Второ да ја прошират енергетската зависност во регионот, правејќи ги земјите зависни од руската енергија.

Трето посветени се да го забават процесот на ЕУ интеграција во регионот. Сите земји од регионот, вклучувајќи ја и Србија имаат стратешка цел да станат членки на Унијата. Русија не може да го запре процесот, но се обидува да го пролонгира колку што е можно повеќе.

Четврто да проектира мека сила во регионот преку сите можни инструменти на националната моќ.

Со цел да ги оствари своите интереси, „белата мечка„ ги користи сите расположливи инструменти на национална моќ проектирајќи го руското влијание во регионот. Тоа е координирано и централизирано од Москва, со користење на старите техники од времето на студената војна, како што се советската стратегија за рефлексивна контрола, комбинирано со „информациски операции“. Интенција е да се креира „замрзнат конфликт“ или „status quo“ во регионот.

Ден по посетата на Путин се потврдува дека Русија ја форсира стратегијата на неутралност на Балканот, убедувајќи ги земјите од регионот да останат надвор од ЕУ и НАТО. Тоа е користење на нелинеарен пристап за креирање на перцепција дека западните вредности се погрешни.

За да го задржат нивното присуство и да ги проектираат нивните национални интереси во регионот,вклучително и во Република Македонија, од страна на официјална Москва се користат различни начини и средства, од класични политички активности, разузнавање, влијание на бизнис елитите и политичките партии, во економијата и енергијата, медиумите, културата, академската сфера, невладини организации со потекло од Русија или основани во други држави. Поконкретно, креираат лажни вести, дезинформации, провокации, лобирање, креирање на перцепција на кризи и опасности. Тие ги користат „прозорците на можности“ за да ги обликуваат информациите и настаните кои ќе бидат во согласност со руските политики.

Србија и Грција остануваат точки на најголем интерес, точки на најголем продор и влијание се Србија и Бугарија, а точки со најголем „прозорец на можности“ се БиХ (Р. Српска), Црна Гора и Македонија. Тоа се спроведува и преку користење на билатералната соработка и договори со некои од земјите, во некои случаи користење на воени хардвери и технологии како мамка. Особено е значајно дали имаме субверзивни активности на „Белата мечка„ на Западен Балкан вклучително во Република Македонија со цел да го попречи еврооатланскиот процес на земјата. Нема официјални докази за такво нешто, иако не е исклучено имајќи го во предвид документот кој протече во јавноста од страна на надлежната Управа за безбедност и контраразузнавање на Република Македонија.

Сведоци сме во изминативе месеци дека официјална Москва има цврста позиција против македонското зачленување во НАТО и сигурно е дека нема да ја напушти. Нејзин интерес е ако може Република Македонија никогаш да не влезе во НАТО. Таа ја изгради таа позиција во време кога ЕУ и САД преку својата политика како да „заборавија“ на Балканот. Кога ЕУ се занимаваше повеќе со себе и отворено зазеде став дека земјите од Западен Балкан можат да заборават за интеграција во неа во наредните неколку години. Но, кога видоа што се случува во Украина, какви активности превземаат Турција и Кина во регионот, тие како да се отрезнија и одново се вратија, но со сите последици предизвикани од дотогашниот однос.

Инаку во Стратегијата за национална безбедност на Руската федерација, нема нешто посебно нагласено за Балканот. Меѓу другото се вели: „Руската Федерација се залага за соработка од заемна полза со европските држави, Европската унија, за хармонизација на интеграционите процеси во Европа и на постсоветското пространство, за формирање во Евро-Атлантскиот регион отворен систем за колективна безбедност врз јасна договорно-правна основа“. Значи во официјалните документи Балканот не е од стратешки интерес за Русија. Тој е изгубен за неа, би се сложил со новинарот Мирче Адамчевски поранешен допис од Москва и одличен познавач на македонско-руските односи. Остана само мало острово од неколку држави, кои исто така ќе заминат во НАТО и ЕУ, па Русија веројатно преку својата политика ќе нема за кого да се интересира.

По вчерашното доаѓање на Путин во соседството може да се нагласи дека Русија на Балканот се стреми да си ја зачува за себе репутацијата на влијателна светска држава и да ја отежни интеграцијата на државите од регионот во евроатлантските структури. Тие цели официјална Москва и преку последната посета ги турка со нискобуџетни методи – впечатливи симболични гестови и пропаганда на етно и фолк политика, без реален фидбек за граѓаните и економијата на Балканот.

„Белата мечка„ е подготвена да ги следи своите цели во регионот само до тогаш, додека од неа не се бараат сериозни влогови. Во прилог на ова зборува и новата концепција за надворешната политика на Русија. и во неа за Балканот нема ништо. Тој не се ни спомнува во овој документ. Има еден општ став дека Русија со почит ќе се однесува кон изборот на европските држави кои не влегуваат во воени алијанси. Тие држави, се вели, внесуваат реален влог во обезбедување на стабилноста и безбедноста во Европа и Русија е подготвена за конструктивна многу страна заемна соработка со нив. Дали овде треба да се бараат некои балкански земји?

Руската Федерација нема големи и непосредно инсталирани енергетски, инвестициски, финансиски и воени капацитети во нашата држава. Затоа и нивниот влог во операции на влијание на македонска територија не е голем. Се смета дека трендот на посредно влијание кон Македонија ќе продолжи и доколку нашата држава не биде интегрирана во НАТО и ЕУ, руските цели и интереси на долг рок може да бидат постигнати. Погледот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност и шанса за граѓаните од Балканот. Ако Русија денес влијае на изборите во САД, Франција, тогаш нашата земја е изложена на потенцијален безбедносен ризик од асиметрични закани. Инаку секоја соработка со Русија е добредојдена во економијата, трговската размена, но не е замена за стабилноста и демократските вредности.

Заради некомпатибилност на историскиот наратив за блиски односи со Русија, обидот на руската држава да ги освои „срцата и умовите“ на граѓаните на Република Македонија досега е неуспешен.

Д-р Марјан Ѓуровски
Факултет за безбедност-Скопје

Би можело да ве интересира

Путин: Ја погодивме Украина со нова ракета со среден дострел

Горан Наумовски

Трајна неутралност на Украина, воени ограничувања за Киев, што бара Путин за да договри примирје со Трамп

Што значи новата руска нуклеарна доктрина што ја потпиша Путин

Олаф Шолц: Ставовите на Путин за војната во Украина не се променети

Путин: НАТО влегува во војна со Русија

Горан Наумовски

Зеленски: Шолц ја отвори „Пандорината кутија“

Горан Наумовски