Во Клубот на пратениците почна лидерската средба што ја иницираше премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Покрај Мицкоски, кој е придружуван од координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПНМНЕ Никола Мицевски, на средбата од коалициските партнери во Владата присуствуваат генералниот секретар на ЗНАМ и министер за јавна администрација Горан Минчев, како и градоначалникот на Тетово, Биљал Касами од коалицијата ВРЕДИ. Од опозициските пратенички групи присутни се лидерите на Левица и на ДУИ, Димитар Апасиев и Али Ахмети.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој го одби повикот на Мицкоски, не дојде на средбата.
Како што е најавено, на лидерската средба ќе се разговара за реформските закони од правосудството, за изборот на народен правобранител, за Изборниот законик и за укинување на техничката влада, но и за други прашања на предлог на учесниците на средбата.
Пред почетокот на лидерската, изјава даде Апасиев, кој ги повтори барањата на Левица – промена на Изборниот законик, укинување на техничката влада и една изборна единица.
Премиерот Христијан Мицкоски на 7 јануари најави дека ќе упати покани до политичките партии за лидерска средба, која би се одржала пред неговото заминување на Светскиот економски форум во Давос, а теми на средбата, како што рече, би биле консензус за реформските закони и укинување на техничката влада. За клучните прашања за државата, Мицкоски истакна дека очекува консензус од лидерствата на сите парламентарни коалиции, како и дека дневниот ред може да биде проширен и дополнет од страна на другите.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче на 8 јануари го одби повикот за лидерска средба за укинување на техничката влада, обвинувајќи дека Мицкоски „бара алиби за распишување предвремени избори“. Според Филипчe, техничката влада мора да остане зашто била гарант за фер избори и контролен механизам за да се спречи злупотреба на институциите. За реформската агенда, пак, рече дека дискусијата за законите ќе се води во парламентот каде што СДСМ ќе ги поддржи сите. Додаде и дека СДСМ во секој случај ќе учествува на парламентарни избори, ако бидат распишани.
