Почнаа градежните работи за гасификација на Клиничкиот центар, капитална инвестиција која е многу значајна од минимум два аспекта – сериозна заштита на здравјето на граѓаните и финансиска заштитеда. Целата инвестиција ќе чини околу 48 милиони денари, изјави денеска министерот за здравство Никола Тодоров.
Клиничкиот центар, рече Тодоров, е еден од поголемите потрошувачи на мазут кој исфрла повеќе од 100 тони сулфур диоксид во воздухот годишно и претставува една од клучните причини за загадувањето на овој дел од Скопје.
– Двата оџака во близина на Клиниката за детски болести, 40 години испуштаат сериозни отрови и тоа најмногу не стави на ваква мисла да почнеме со една ваква сериозна инвестиција имајќи предвид дека таму каде што се креира огромно загадување на пет метри од него се лекуваат деца, рече Тодоров.
Вториот аспект е финансиската заштеда. Со инвестицијата во гасификацијата Клиничкиот центар годишно ќе заштедува минимум 300.000 до 350.000 евра со поврат на инвестицијата од 2,2 години и од тој аспект секоја година ќе остануваат средства кои ќе можат да се пренаменат за други инвестиции за подбрување на здравствениот сектор. Со правење гасификациска мрежа од речиси 1,5 километар и пренамена на котлите кои се на мазут во комбинирани котли кои ќе може да работат на мазут и на гас.
– Во зимскиот период некогаш трошиме и 20 тони мазут дневно, што е една сериозна потрошувачка и големо загадување. Ова го правиме во случај да снема гас или каков било каков дефект да може веднаш да имаме алтернативно гориво за никогаш да не се дозволи Клиничкиот центар да остане без греење или без медицински гасови имајќи предвид дека и во летниот период се користи таа топлана за медицински гасови, рече Тодоров.
Одговарајќи на новинарско прашање, наведе дека градежните работи за гасификација почнаа овој период бидејќи има помала фреквенција во Клиничкиот центар и за да стигне до почетокот на грејната сезона.
– Очекуваме да се заврши до 1 октомври и за новата сезона да бидеме комплетно подготвени и со мрежата и со пренамената на котлите, додаде министерот за здравство Никола Тодоров.