Почетен состанок за изработка на План за управување со сливот на Охридското Езеро

Од:

Во насока на заштита и одржливо управување со природните ресурси, денеска во Охрид се одржа иницијалниот состанок од активностите насочени кон изработка на План за управување на сливот на Охридско Езеро, посочен од експертите како алка што недостасуваше во севкупното управување со езерскиот слив и идниот развој за регионот.

Планот за управување на сливот на Охридско Езеро преставува еден од најважните и најнеопходните документи за иднината на заштитата и управувањето со сливот на Охридско Езеро. Станува збор за билатерален македонско-албански документ, што ќе биде изработен согласно Европската рамковна директива за води и националните законодавства на дветe земји кои го споделуваат Сливот на Охридско Езеро.

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули изрази очекување дека активностите во рамки на проектот ќе придонесат за заживување на, како што рече, подзаборавениот Билатерален договор со Република Албанија од 2011 година и Билатералниот комитет одговорен за заедничко управување со водите од Охридското Езеро.

– Радува регионалната компонента на проектот. Водите од Охридското Езеро и Црн Дрим треба заеднички ги управуваме во еден интегриран пристап базиран врз научни сознанија. Очекувам за 18 месеци да добиеме тој План за управување, имајќи ги предвид сите проекти спроведени претходно. Ова дополнително ќе придонесе и за реализација на активностите што заеднички ги планираат Општината Охрид и Владата, преку донаторска конференција да се обезбедат средства за реализација на сите досегашни проекти насочени кон заштита на Охридското Езеро и решавање на сите прашања што ги засегаат граѓаните од регионот, рече Макрадули.

Дејан Пановски, национален координатор во поширокиот Дримскиот проект истакна дека Планот за управување со сливот на Охридското Езеро ќе ги утврди потребите и приоритетите во менаџирањето на езерскиот слив и пошироко во рамки на Дримскиот басен, вклучувајќи ја тука и регулацијата на нивото на Охридското Езеро преку истекот на Црн Дрим.

– Сето тоа ќе резултира со препораки кои државите од регионот ќе треба да ги имплементират, како начин за идна соработна на билатерално и мултилатерално ниво во регионот во реализирањето на заедничката визија за сливот на Дрим, рече Пановски.

Масимилиано Монети од италијанскиот експертски тим што го изработува Планот истакна дека во рамки на документот меѓу останатото ќе се уредат и мерките што во крајна насока ќе придонесат кон поголема контрола и анулирање на негативните последици од економската експлоатација на водите од сливот на Охридското Езеро за производство на електрична енергија.

Изработката на Планот за управување со сливот на Охридско Езеро што се спроведува со финансиска поддршка на поширокиот проект за Дримскиот басен е предвидено да трае 18 месеци и да биде заокружена со финален и усвоен План за управување со сливот на Охридско Езеро согласно Европската рамковна директива за води.

Би можело да ве интересира

Бојмацалиев: Со пет пловни објекти ја гарантираме безбедноста на границата и на Охридското Езеро

Орце Костов

Автомобил излета во водите на Охридското Езеро кај Струга

Горан Наумовски

ВИДЕО: Блесна новогодишната елка под вода во Охридско езеро

Покуќнина, отпад и стари гуми извадени од Охридско езеро

Охридскиот регион останува на листата на УНЕСКО

Полицијата го пронајде и го врати чамецот со двајцата малолетници кој неконтролирано се оддалечил од брегот на Охридското Езеро