(ВИДЕО) По жестока дебата изгласани законите договорени во Пржино

Од:

По жестока дебата, пратениците по скратена постапка ги изгласаа измените и дполнувањата на законот за внатрешни работи, Изборниот законик, законот за Влада, законот за кривична постапка и законот за медиуми.

Измените и дополнувањата на Законите доаѓаат по новиот Пржински договор на четирите најголеми политички партии, како договор преку кој Македонија ќе излезе од политичката криза и ќе добие фер и демократски избори.

Според независните пратенички Солза Грчева и Роза Топузовска-Каревска, договорот не носи одвојување на државата од партијата, туку зближување. Тие истакнаа дека со договорените закони се прекршува Уставот.

– После вечерва, се е веќе имплементирано и не знам зошто ќе има евалуација на ништо на 31 август. Оние што бараа не знам зошто бараа, оние кои што даваа даваа со смеење и со пеење. Во Пржинскиот договор нема механизми кои што ќе ветат поинаков тип на владеење по промената на власта, било која власт да дојде. Избирачкиот список останува ист. Ад хок телото за медиумите се повторно партиски претставници. МРТ ќе имала уредник од опозицијата, ова ни го даде нашата борба, да имаме повторно апаратчиња, рече Грчева.

Пратеничката од СДСМ, Рената Дескоска истакна дека договорот не е идеален, но дека е единствен излез од политичката криза.

– Илузорно е да очекувате дека владејачкото мнозинство составено од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е спремно и способно да спроведе реформи. Договорот од Пржино го отвара патот за избори на кои што оваа власт треба да биде сменета и да дојде власт која што ќе спроведе реформи за демократизација и почитување на човековите права во Република Македонија. Кога зборувате за уставно спорни закони, ќе почекате неколку точки и ќе дојдеме до законот кој што ќе биде донесен на инсистирање на ВМРО-ДПМНЕ, а претставниците од ДУИ го прогласија за сопствен триумф, а тоа е одредбата со која што се предвидува министерот за внатрешни работи да го изгуби мандатот на неуставен начин. Уставот на Република Македонија е срушен со незаконското прислушување на огромен број граѓани, со неказнетиот досега криминал и корупција во редовите на владејачките партии во Република Македонија, со партизираното судство, со незаконските одлуки за распуштање на Собрание. Уставот е скршен и со претварање на Уставниот суд во марионета на владејачките партии, рече Дескоска.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Талат Џафери истакна дека ништо не е Уставно и законски, но кога веќе се потпишале законите, ќе ги гласаат.

– Опозицијата бараше да се сруши Уставниот систем и поредок. Затоа што толку упорно го бараа тоа од нас, ние тоа свесно го дадовме во можност да се сруши Уставот и се надевам по последните гласања на оваа седница ќе нема право никоја институција и никој во оваа држава да се повика на Устав и на Уставен поредок затоа што тој е срушен и згазен во најлош можен начин, рече Џафери.

Според Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, одредбата дека ниту еден новинар или медиум не може да биде санкциониран за изразување на своето мислење е одредба по предлог на ВМРО-ДПМНЕ.

– Предлогот за намалување на казните на медиумите исто така доаѓаше од ВМРО-ДПМНЕ, но предлогот беше казните да се сведат на едно евро за да дадеме целосна слобода на медиумите, но тоа не беше прифатено по ниту една цена. Како некој компромис дојдовме до тоа казните да бидат на пола. Многу сум искрен за да сфатите со каква политичка гарнитура имаме проблем. Нема да биде ништо ново ако ви кажам дека изливите и коментарите на една политичка партија се знаци на слабост и знаци дека пропаднале сите бродови, рече Димовски.

За измените и дополнувањата во законите гласаа речиси сите пратеници, единствено „против“ гласаа Солза Грчева и Роза Топузовска-Каревска.

Предлагачи на дополнувањата и измените во Законите се координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Илија Димовски и Горан Сугарески, Артан Груби од ДУИ и Беким Фазлиу од ДПА.

Александар Тодески

Би можело да ве интересира

Новиот состав на Собранието треба да се конституира најдоцна 20 дена по изборите

Митрески: Борбата за работничките права не престанува никогаш

А1он

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов