Судот денеска по трет пат го одложи почетокот на процесот за случајот „Пуч“ затоа што не беа исполнети законските услови, односно не беше присутен лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој се јавува како четврто-обвинет.
Неговата одбрана образложи дека не е присутен затоа што во истиот термин имал средба со амбасадорот на Италија.
Неговиот адвокат, Филип Медарски, на судот му посочи дека Заев ќе присуствува на сите рочишта откако предметот ќе биде доделен на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
Судскиот совет го праша Јавниот обвинител задолжен за овој предмет до кога е надлежен да го застапува обвинителниот акт во оваа кривична постапка, а од кога за тоа би била надлежна специјалната обвинителка,
Јавниот обвинител рече дека до овој момент нема никакви промени во надлежностите и дека преостанува на специјалната обвинителка да одлучи кога ќе го преземе предметот.
На рочиштето беа присутни останатите обвинети.
Зоран Верушевски и Ѓорѓи Лазаревски, кои беа донесени од затвор со силно полициско обезбедување, како и Соња Верушевска, Бранко Палифоров.
Одбраната се надева дека до следното рочиште предметот ќе се најде во рацете на јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Специјалната јавна обвинителка може да го врати предметот во истражна постапка, доколку се утврди дека има нови моменти.
Судот го презакажа рочиштето за 22-ри октомври во 10.00 часот. Судијката Љубинка Башеска го одбри барањето на адвокатот Драган Малиновски терминот да се помести во 10.30 затоа што, како што рече „работата е сериозна“.
Маја Васева