По неколку протести, низа барања до институциите и апели да се реши проблемот со денационализацијата на имотот на Градиште, пештанци поставија транспарент на влезот од Пештани. На него пишува “Правда за Градиште”, а повикуваат на враќање на имотите, по примерот на Македонската православна црква, на која државата ѝ го врати денационализираниот имот. Ова е уште еден начин за изразување на нивниот револт.
Тие сметаат дека законите се на нивна страна, но не и правдата. Станува збор за 100 наследници од 35 семејства кои во Градиште имаат земјиште во вредност од 30 милиони евра.
“Нашето земјиште сега е предмет на криминал, на корупција, експлоатација, на лично богатење и анархија. Кога зборувам за анархија, ве замолувам да влезете внатре и да видите како државни службеници, инспектори, судии градат на нашето место”, кажа жителка на Пештани која протестираше пред една недела, на влезот од кампот “Градиште”.
Процесот на денационализација трае со години. Земјиштето се наоѓа на атрактивна локација. Жителите тврдеа дека државата им нудела од 240 до 270 денари за метар квадратен. Затоа бараат реална оштета или враќање на имотите.