ВИДЕО: Се заканувал со пиштоли, му урнал ѕид на соседот и насилно сака да му одземе дел од имотот во Сингелиќ

Од:

За да изгради пат со кој ќе ги поврзе парцелите што ги добил со денационализација во скопско Сингелиќ, нов сосед на жителите на „Јужноморавски бригади“ урива ѕидови од огради, се заканува и насилно сака да им одземе дел од имотите, се жалат староседелците. Меѓу парцелите што сака да ги поврзе има десетина имоти низ кои треба да помине патот.

Староседелците велат дека имаат уредни имотни листови за секое делче од дворовите кои сега се цел на новиот сосед, но тоа не било пречка за него. Во април, кога пандемијата од коронавирус зеде замав и имаше полициски час, го урнал ѕидот на првиот сосед Томислав Петровски, и покрај тоа што тој не е согласен да му го отстапи.

Петровски двапати викал полиција, но не успеал да го спаси ѕидот што го одвојува од новиот сосед.

„Ги предупредив, рипнаа и ги исекоа и лешниците, исекоа сè. Му велам имам имотен лист, тој вели тоа не е твое, тоа е од дедо ми, јас ќе градам пат натака. Тоа го кажа. Јас не сакав да се расправам, повикав полиција. Полицијата дојде, рече дека е меродавна да му каже да застане. Си отиде полицијата, тој си го урна ѕидот до крај, го направи тоа и готово. Тој е нов сосед, не ни е долго време сосед. Зел имот од некоја денационализација, не знам како го зел, и тоа ќе го испитам. Ми прави проблем со закани и со уцени. Ми вели ‘ти тргни се од тука, до зградите под далноводот, до тука е наше, ние ќе правиме пат’“, се жали Петровски.

Петровски се доселил во Сингелиќ по земјотресот. Живеел во Крњево, но откако им се урнала куќата се доселиле тука во барака. Ја откупил и бараката и дворот во кој има помошни простории и се чуди како е можно некој да посегне по неговиот имот.

„Сè имам. Како може да ми влегува во приватност, во нешто што е во мое владение?“, прашува Петровски.

Вели дека новиот сосед не се ни обидел со него да преговара за имотот, туку со еден од неговите синови, но тој не е согласен и во новиот сосед веќе гледа непријател. Вели дека под закани и притисоци од него се сите соседи, на кои семејството на новиот сосед им се заканувало со пиштоли.

Меѓу парцелите што новиот сосед сака да ги поврзе има десетина имоти низ кои треба да помине патот

„Проблемот почна од четврти месец кога го турнаа овој ѕид. Му вратиле на комшијава, на ’МАТ Стар’, тој не го откупил тоа земјиште и тие станаа посмели, доаѓаа со пиштоли, со насилство, со тие работи, до кога? Не ми се закануваше мене лично, ама кога почна кај мене ме праша ‘знаеш ли кој сум јас?’ Ќе видиме кој си ти. Не е проблем, туркај. До кога оваа анархија? Тој ми е веќе непријател. Како може да рипне на ѕид за да урива? Еве ги цигливе. Како може тој да ми биде пријател? За откупување почна да разговара со син ми, но јас сум реков дека не смее да го откупи ова додека сум жив. Ова е моја приватност“, вели Петровски.

Од МВР потврдија дека имале три интервенции за ѕидот на Петровски.

„ На 8.4.2020 по пријавен настан, полициски службеници излегле на местото на настанот при што бил сочинет записник за примање поплака и усно биле предупредени две лица, соседи на пријавителот. Потоа, на 21.6.2020 во два наврати бил пријавен настан, и тоа првиот во 14:15 часот од страна на Т.П., при што полициски службеници излегле на местото на настанот и бил сочинет записник за примање пријава за сторено кривично дело кое се гони по приватна тужба „оштетување туѓи предмети“ предвидено и казниво по чл.243 од КЗ, а вториот во 19:15 часот каде пријавителот Д.П. се откажал од преземање мерки бидејќи со соседот се договориле дека тој ќе го направи ѕидот, за што била поднесена службена белешка. Од страна на СВР Скопје се преземаат мерки за расчистување на наведените настани“, велат од МВР за „А1он“.

Петровски се доселил во Сингелиќ по земјотресот отакао во Крњево им се урнала куќата, ја откупил и бараката и дворот за кои има имотни листови со право на сопственост

Семејството Петровски вели дека по последната интервенција на полицијата соседот им ветил дека за пет дена ќе им го изгради ѕидот, но иако се поминати повеќе од пет дена, ѕидот не им го направил. Тие подготвуваат кривична пријава за новиот сосед, а најавија дека ќе ги известат и ќе бараат помош од сите засегнати институции.

Новиот сосед не одговори ниту на телефонските повици ниту на пораките од „А1он“ за проблемот со урнатиот ѕид. Немаше никој на неговиот имот веднаш до бараката на Петровски, но соседите велат дека тој секако доаѓа за време на викенд или навечер.

И градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски, не одговори на прашањата од „А1он“ за недоразбирањата во Сингелиќ.

Би можело да ве интересира

Тепачка во Гази Баба: Момче се пресметало со неговите баба и тетка

А1он

Левица: Стефковски ги остави учениците во Гази Баба без бесплатен превоз

Го киднапирале и силувале за долг од 150 евра – кривична за двајца скопјани

Анита Петровска Рајковиќ

Левица: Дивоградбите во Гази Баба недопирливи веќе два мандати

Ученици од Гази Баба за излет до паркот во Гази Баба платиле по 250 денари за автобус: Колку чини една школска екскурзија

Орце Костов

Возачите минуваат на среќа: 26 дена нема сигнализација на најфрекфентниот железничкиот премин во Хиподром

Орце Костов