Од кабинетото на претседателот Стево Пендаровски по барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да воведе повторно вонредна состојба одговараат дека тоа може да се случи само по постигнат договор меѓу партиите.
Ставот на претседателот Стево Пендаровски и е познат на јавноста. Претседателот е подготвен да донесе нова одлука за прогласување на вонредна состојба на територијата на цела држава, само доколку претходно биде постигнат меѓупартиски договор на сите политички субјекти за датум на предвремените парламентарни избори, заради создавање на правна рамка за нивно непречено организирање и спроведување, велат за А1он од кабинетот на Пендаровски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната прес конференција го повика Пендаровски да ја продолжи вонредната состојба и за оваа време да се изработат протоколи за заштита на здравјето на граѓаните. Според Мицкоски првиот можен датум за избори е средината на јули.
„Господине Пендаровски, одважи се, осмели се. Ти сакаш и претендираше да бидеш татко на сите граѓани, имаш време денеска до крајот на денот да ја продолжиш вонредната состојба.Ние имаме два услови, јасни протоколи за здравјето на граѓаните, а втор е мисијата на ОБСЕ/ОДИХР да биде присутна на изборите. Доколку ОБСЕ/ОДИХР ја воспостави мисијата денеска, тогаш кампањата може да почне утре. Од она што можам да го видам е дека ОБСЕ/ОДИХР нема да праќа набљудувачка мисија туку оценувачка мисија“, рече Мицкоски.