По повеќе од една година мината во бегство: Перпарим Бајрами и се предаде на полицијата

Од:

Поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, кој е првообвинет во предметот поврзан со наводните злоупотреби во оваа државна компанија, утринава сам се пријави кај надлежните органи, откако подолг период беше недостапен за органите на прогонот.

Според информациите, Бајрами во 5:35 часот самоволно и пеш се појави пред надлежните институции и се ставил на располагање на органите на прогонот.

По него претходно беше распишана мерка „апси“, по барање на СМПС – Одделението за потраги, согласно член 354 став 5 од Кривичниот законик. По проверката и потврдувањето на мерката, Бајрами е уапсен и треба да биде спроведен во понатамошна постапка пред надлежните органи.

Неговото предавање доаѓа во момент кога судската постапка за случајот „Државна лотарија“ веќе е започната. Во предметот, покрај Бајрами, обвинет е и поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, како и уште шест лица.

На последното рочиште, Груби се изјасни дека не се чувствува виновен за делото што му се става на товар, додека Бајрами, поради неговата недостапност, досега не можеше да учествува во постапката.

Според обвинението на Основното јавно обвинителство Скопје, осумтемина обвинети во текот на 2023 и 2024 година, како соизвршители, преземале дејствија со кои ги пречекориле своите службени овластувања и должности, со намера да ѝ нанесат значителна штета на „Државна лотарија“.

Обвинителството ја проценува штетата на 507.632.173 денари, односно околу 8,2 милиони евра. За случајот се најавени 231 материјален доказ и седум сведоци.

Бајрами во предметот е првообвинет и се товари за злоупотреба на службената положба и овластување. До неговото денешно појавување пред органите, тој беше недостапен за македонските власти повеќе од една година, а по него беше распишана и меѓународна потерница.

Неговото предавање сега отвора можност постапката против него да продолжи со негово непосредно учество. За Бајрами претходно беше побарано определување притвор кој би се применувал од моментот на неговото пронаоѓање.

Случајот „Државна лотарија“ во изминатиот период предизвика големо внимание во јавноста, особено поради тоа што меѓу обвинетите се наоѓа и поранешниот прв вицепремиер Артан Груби. Груби, по повеќе од 14 месеци бегство, беше уапсен во февруари годинава на граничниот премин Блаце, по што му беше определен куќен притвор.

Со денешното предавање на Бајрами, уште едно од лицата што досега беа недостапни за органите на прогонот станува достапно за постапката.

Сега останува надлежните институции да ги преземат следните процесни дејствија и да одлучат за неговиот понатамошен статус во рамките на предметот.

Би можело да ве интересира

Судење за „Државна лотарија“: Обвинителството презентира докази за злоупотреби – за одбраната тие се нејасни и контрадикторни

Перпарим Бајрами не се чувствува виновен за случајот „Државна Лотарија“

Продолжува судењето за „Државна Лотарија“, поранешниот директор Бајрами на обвинителна клупа

Катерина Ѓуровски

Имало ли одлука на Собранието на акционери на Лотарија за финансирање на прославата, прашува СДСМ

(ВИДЕО) Филипче: Мицкоски излажа, прославата за независноста чини 5 милиони евра народни пари

Горан Наумовски

Судот го одложи рочиштето за „Државна лотарија“ по приведувањето на Перпарим Бајрами, судењето продолжува на 18 септември